На 20 ноември во Цирих, Македонија ќе ги дознае ривалите во баражот за СП 2026

Фудбалската репрезентација на Македонија на 20 ноември, два дена по натпреварот со Велс во Кардиф, последен од квалификациите, ќе ги дознае и ривалите во баражот за пласман на Светското првенство.
Жрепката за финалната разрешница на квалификациските турнири за пласман на Светското првенство 2026 и европските плеј-оф натпревари ќе се одржи во седиштето на ФИФА во Цирих, Швајцарија, во четврток, на 20 ноември 2025 година. Два дена по натпреварот меѓу Велс и Македонија во Кардиф, нашиот национален тим ќе ги дознае и ривалите со кои ќе води финална битка за пласман на Мундијалот.
Македонија се уште е во битка за освојување на второто место во квалификациската група за пласман на Светското првенство, а има и друга опција да биде дел од баражите и како еден од победниците од Лигата на нации. Жрепката е закажана за в четврток на 20 ноември, со почеток во 13:00 часот во Цирих.
Оваа жрепка ќе го одреди патот што 22-те селекции, шест преку плеј-оф турнирот и 16 преку европските плеј-оф натпревари, треба да го поминат за да обезбедат место на првото Светско првенство со 48 репрезентации, кое ќе се одржи во Канада, Мексико и САД од 11 јуни до 19 јули 2026 година.
28 селекции веќе обезбедија место на Светското првенство, додека уште 14 нации – три од КОНКАКАФ и 11 од УЕФА, ќе се квалификуваат преку конфедерациските квалификации овој месец.
Плеј-оф турнирот на ФИФА ќе има две финалиња, каде ќе се соочат победниците од полуфиналните натпревари меѓу селекциите неносители и селекциите носители. Победниците ќе обезбедат две места за Светското првенство 2026.
Европските плеј-оф натпревари ќе ги сочинуваат 12-те второпласирани репрезентации од групите и четирите најдоброрангирани победници од секциите на УЕФА Лига на нации. 16-те тимови ќе бидат поделени во четири плеј-оф патеки по четири тима.
Натпреварите ќе се играат во полуфиналиња и финалиња по еден натпревар за да се одредат последните четири европски учесници на Светското првенство 2026. Следното издание на ФИФА ранкингот ќе биде објавено на 19 ноември 2025 за да се обезбеди правилно спроведување на жрепката.