Ваноли е наследникот на Пиоли во Фиорентина

Поранешниот шеф на стручниот штаб на Торино, Паоло Ваноли (52), пристигна во Фиренца за да ја преземе функцијата тренер на Фиорентина, која е на дното на табелата во Серија А, јавија денеска италијанските медиуми.

Ден претходно, Ваноли спогодбено го раскина договорот со Торино, кој важеше до јуни 2026 година. Ваноли во Фиорентина доаѓа на местото на Стефано Пиоли, кој беше отпуштен во вторникот поради катастрофален почеток на сезоната.

Фиорентина не победи на ниту еден натпревар во првите десет кола во Серија А и е на дното на табелата со четири нерешени резултати и шест порази.

Ваноли треба да потпише договор со клубот од Фиренца до крајот на сезоната, со можност за продолжување на соработката за уште една година, а во клубот од Фиренца се враќа по повеќе од 20 години, кога настапуваше за Фиорентина како фудбалер од 2000 до 2002 година.

Ваноли треба да дебитира на тренерската клупа на Фиорентина в недела на гости против Џенова, која, исто така, оваа недела го смени својот тренер, назначувајќи го Даниеле Де Роси на местото на Патрик Виеира.