Пораз на дербито со МЗТ Скопје, прв за Пелистер оваа сезона

Кошаркарите на Пелистер не успеаја да ја продолжат победничката серија во Супер-лигата откако во шестото коло загубија во дербито со МЗТ Скопје со резултат 67-72. Во меч со многу тензија во кој судиите во финишот исклучија двајца членови на нашиот клуб , МЗТ Скопје знаеше како да го искористи тоа и да стигне до победата.

Цврстата одбрана и грешките во нападот го одбележаа првото полувреме во кое МЗТ отвори подобро, но Пелистер беше подобар тим во втората четвртина и битолчани заминаа на одмор со предност од 32-29. Второто полувреме донесе зголемена тензија на теренот, ниту еден од тимовите не се одлепи резултатски, а откако Пелистер не искористи неколку напади за водство, гостите од Скопје реализираа во својот последен напад и во последните 10 минути влегоа со предност од 49-51.

Пресудни се покажаа првите четири минути од последната четвртина во кои Пелистер не постигна ниту еден поен, а МЗТ со тројката на Војдан Стојановски дојде до „плус десет“. Пелистер не се предаде, со тројките на Малешевиќ и на Стајиќ дојде на „минус пет“, но сите клучни судиски одлуки во завршницата беа во корист на гостите (вклучувајќи ги и исклучувачките грешки кои донесоа дополнителни слободни фрлања за играчите на МЗТ), кои на крајот триумфираа со конечните 67-72.

Стајиќ со 17 поени беше прв стрелец на Пелистер на овој дуел, Малешевиќ имаше 16 поени и 7 скокови, а двоцифрен беше и Брејси Дејвис кој го заврши мечот со 10 поени.