Роналдо: Кристијано е меѓу најдобрите, но не и најдобар на сите времиња

Во фудбалскиот свет повторно се отвори старата расправа за тоа кој е најдобриот играч на сите времиња, а овојпат во центарот на вниманието се Кристијано Роналдо и легендарниот „бразилски“ Роналдо.

Португалецот неодамна гостуваше во емисија на Пирс Морган, каде без двоумење изјави дека се смета за најдобар фудбалер во историјата. Неговата изјава предизвика бројни реакции, а најгласен меѓу нив беше славниот Луис Назарио да Лима, човекот кој за многумина е симбол на вистинскиот напаѓач.

„Кристијано Роналдо вели дека е најдобар во историјата? Некои луѓе имаат многу самодоверба. Јас повеќе сакам другите да зборуваат за мене отколку јас самиот. Тој е еден од најдобрите фудбалери што сме ги гледале, но најдобар? Не се согласувам. Сепак, го почитувам неговото мислење и би рекол дека е меѓу најдобрите десет“, изјави Роналдо за медиумите во Бразил.

Легендарниот напаѓач во својата богата кариера трипати беше прогласуван за најдобар фудбалер во светот и освои сè што може да се освои, како со репрезентацијата на Бразил така и на клупско ниво. Кристијано, пак, има пет „Златни топки“ и бројни трофеи во Англија, Шпанија и Италија, но единствената круна што му недостасува е титулата светски првак.