Центарот за едукација на ФФМ го комплетира третиот модул од УЕФА ПРО лиценца со врвни предавачи

Центарот за едукација на тренери при ФФМ го комплетираше третиот модул (од вкупно осум) од УЕФА ПРО курсот. Модул исполнет со интензивна програма согласно УЕФА конвенцијата за 2025/26, во рамки на која на 22 кандидати им беа пренесени бројни нови содржини, практични тренинг сесии и теоретски предавања.

Во позитивна работна атмосфера, на отворањето на третиот модул, кандидатите ги презентираа работните задачи што им беа доделени како обврска меѓу вториот и третиот модул.

Центарот за едукација ја користи оваа прилика да изрази голема благодарност до поранешниот селектор на женската фудбалска репрезентација на САД и актуелен тренер на Канзас Сити, Влатко Андоновски, кој одржа онлајн предавање на тема „Физичка и тактичка периодизација“. Неговото излагање предизвика огромно внимание и силен интерес кај кандидатите.

Голема благодарност и до Гурбан Гурбанов, актуелен тренер на фудбалскиот клуб Карабах, кој исто така имаше онлајн предавање. Тој на кандидатите им го претстави целиот развоен пат на клубот, од втората лига на Азербејџан до пласман во Лигата на шампионите. Гурбанов е еден од ретките тренери кои можат да се пофалат со 18 години на чело на ист клуб. Неговото обраќање беше силна мотивација за идните носители на ПРО лиценца, со јасна порака дека тренерите се клучните чинители на успехот на секој тим. Тој нагласи дека имплементацијата на модерни алатки за софистициран тренинг, пристапот на тренерот кон играчите и јасната визија за начинот на работа се темелите што водат кон резултати.

Ангажирањето предавачи од ваков ранг има за цел да им овозможи на идните тренери високо ниво на квалитет и можност да ги применат најдобрите практики во својата идна кариера. Центарот за едукација и понатаму ќе се стреми да ангажира реномирани и врвни фудбалски имиња, кои ќе претставуваат мотив плус за сегашните и идни кандидати за УЕФА ПРО лиценца.

Во рамки на теоретската настава свои предавања имаа проф. Жикица Тасевски на тема „Современи пристапи во анализа на натпревар“, проф. Вујица Живковиќ на тема „Опоравување во фудбалот“, д-р Михајло Ивановски, специјалист по трауматологија, на тема „Повреди на мускулите во фудбалот – епидемиологија, дијагноза и третман“, директорот на Центарот за едукација, Борче Христов, на тема „Периодизација“, Филип Поповски, поранешен генерален секретар на ФФМ, на тема „Лидерство, менаџмент и тренирање во модерен фудбал“.

Голема благодарност и до кандидатите за нивната мотивираност, посветеност и желба за докажување во текот на целиот семинар. Навистина станува збор за одлична група идни тренери кои максимално се ангажираат и на теоретски и на практичен план.

Од Центарот за едукација истакнуваат дека ФФМ им упатува честитки на сите учесници на третиот семинар за УЕФА ПРО лиценца за нивната посветеност, професионализам и заложби за континуиран развој и унапредување на тренерската професија во Македонија.