Томијасу пред трансфер во Ајакс како слободен играч по разделбата со Арсенал

Такехиро Томијасу е блиску до продолжување на кариерата во Ајакс, откако постигна усмен договор за краткорочен ангажман до јуни 2026 година. 27-годишниот јапонски репрезентативец е слободен играч по разделбата со Арсенал минатото лето, а лекарските прегледи закажани за вторник се последната формалност пред официјализацијата на трансферот.
Ајакс го гледа Томијасу како вредно засилување поради неговата поливалентност во одбраната, во период кога тимот се соочува со нестабилна форма во Ередивизијата.
Соработката меѓу Томијасу и Арсенал беше прекината со заедничка согласност во јули 2025 година, една година пред истекот на договорот, за фудбалерот целосно да се посвети на рехабилитацијата по операција на коленото извршена во февруари.
Поради повредите, Томијасу одигра само шест минути минатата сезона, последен пат настапувајќи како резерва во победата од 3-1 против Саутемптон во октомври 2024. Сега целосно опоравен и повторно во тренажен процес, тој ја гледа шансата во Ајакс како „ново поглавје“ во кариерата, а клубот од Амстердам е подготвен да го преземе ризикот поврзан со неговата здравствена историја.
Иако договорот не предвидува опција за продолжување, Ајакс се надева дека искуството на Томијасу од Премиер лигата — каде што забележа 84 настапи за Арсенал, ќе помогне во стабилизирање на одбраната. Клубот моментално се наоѓа на четвртата позиција во првенството и очајно бара сигурност во последната линија.
Успешниот камбек на Томијасу би можел да има позитивно влијание и врз јапонската репрезентација во пресрет на квалификациите за Светското првенство, под водство на селекторот Хаџиме Моријасу. Сè зависи од лекарските прегледи, по кои се очекува и официјална потврда на трансферот.