Вардар прифати понуда од МЛС лигата, Мато сака во Хартс

Вчера како бомба одекна веста дека шкотскиот тим Хартс се договорил од јули во своите редови да го доведе Роџерс Мато, а денес следува реакција и од Вардар.
„Црвено-црните“ прифатија милионска понуда од МЛС лигата за трансфер на Мато во САД. Понудата е од Спортинг Канзас Сити, а Вардар реши да ја прифати откако стана јасно дека може да го загуби играчот бесплатно по крајот на сезоната.
Во договорот на Вардар со Спортинг Канзас стои и клаузула од 10% за потенцијален следен трансфер на крилниот фудбалер. Сепак, сега се е во рацете на самиот Мато, бидејќи одлуката дали би се преселил во МЛС лигата е негова. Репрезентативецот на Уганда добил финансиска понуда од 40.000 долари месечно, што на годишно ниво достигнува речиси половина милион евра. Нејасно е и дали Мато легално би можел да потпише со клубот од САД, ако веќе потпишал договор со Хартс. Доколку се исполни трансферот, освен Вардар пари ќе добие и Брера која според договорот има право на 20% од сумата на овој трансфер.
Доколку Мато ја прифати понудата од САД тогаш веднаш ќе го напушти Вардар, во спротивно ќе остане во пролетниот дел од сезоната и во јули ќе замине во Шкотска, но во тој случај Вардар нема да заработи ништо.