Костески: Сакаме да ја израдуваме нацијата со добар пласман на ова Европско првенство

Ракометниот репрезентативец на Македонија, Ненад Костески, зборуваше пред почетокот на ЕП, а го коментираше и последниот контролен меч кој го добија против екипата на Мидтјиланд со убедливи 36:27.

Костески смета дека тимот е максимално подготвен за најсериозните предизвици кои ги очекуваат.

„Ова беше последен контролен меч пред настапот на Европското првенство. Мислам дека одлично се подготвивме пред сите предизвици во групната фаза, а тоа го покажавме и на денешниот меч.

Пристапивме максимално сериозно и го одигравме натпреварот со полна пареа до самиот крај. Знаеме што треба да правиме и знаеме дека се среќаваме со сериозни ривали, не треба да трошиме зборови за нивниот квалитет. Данска е светска велесила, а Португалија на минатиот шампионат беше четврта.

Романија е во нагорна линија и никако не смееме да ја потцениме. Се надевам на добри резултати, сите сакаме да ја израдуваме нацијата со добар пласман на ова Европско првенство“, изјави Костески.

Македонија денес и утре ќе се подготвува за првиот натпревар на отворањто на Европскиот шампионат против домашната селекција на Данска. Овој натпревар ќе се одигра на 16 јануари, а почетокот е закажан за 20:30 часот во Хернинг.