Баерн Минхен договори супер-трансфер: Исмаел Саибари се сели во Баварија за 55 милиони евра

Исмаел Саибари пред логото на Баерн Минхен

Во еден од најголемите трансфер-подвизи ова лето, бундеслигашкиот гигант Баерн Минхен ги финализираше преговорите со ПСВ Ајндховен за ангажман на мароканскиот репрезентативец Исмаел Саибари. Вкупната вредност на пакетот изнесува 55 милиони евра, вклучувајќи ги и бонусите за успешност. Со ова успешно се заокружуваат интензивните преговори кои започнаа пред две недели, кога во јавноста за првпат егсклузивно протекна веста за овој интерес.

Зад 25-годишниот плејмејкер е спектакуларна сезона во холандскиот шампионат каде ја понесе наградата за најдобар фудбалер, со ефект од 19 голови и 9 асистенции. Иако за него сериозен интерес покажа и Пари Сен Жермен, упорноста на Баварците и супериорната финансиска понуда го убедија раководството на ПСВ да даде зелено светло за оваа преселба.

Тајмингот за реализација на трансферот е совршен за Саибари, кој во моментов е главна тема во светските спортски медиуми. Настапувајќи за Мароко на Светското првенство, офанзивниот играч прикажа вистинска фудбалска лекција на премиерниот натпревар од групата Ц против Бразил, одигран во Њу Џерси.

Во 21-вата минута од средбата, Саибари мајсторски ја искористи асистенцијата на Брахим Дијаз и со исклучително ладнокрвен лоб го совлада бразилскиот голман Алисон. Иако натпреварот заврши со реми (1-1), ваквиот блесок само ја оправда огромната инвестиција на Баерн, а светските критичари веднаш ги пофалија неговата тактичка интелигенција, физичка сила и техничка перфекција против една од најдобрите одбрани во светот.

Откако клубовите ги усогласија сите детали, а личните услови од долгорочниот договор беа средени, на Саибари му преостануваат уште формалните чекори до официјалната промоција. Поради неговите обврски со националниот тим на американскиот континент, лекарските прегледи ќе бидат извршени директно во САД, во базата на мароканската репрезентација.

По медицинските тестови и потпишувањето на документацијата, Саибари и официјално ќе и се приклучи на реновираната баварска офанзива. За Баерн, неговото пристигнување носи креативна искра и динамика, каде ќе соработува со имиња како Хари Кејн, заокружувајќи ја веројатно најдобрата и најважна недела во својата кариера досега.