Барса го „заклучи“ својот нов вундеркид: Тункара потпиша и покрај понудите од европските гиганти

Академијата на Барселона, славната Ла Масија, продолжува да го обликува следното поколение фудбалски ѕвезди. Најновиот доказ за тоа е 15-годишниот вундеркид Ебрима Тункара, кој денеска стави потпис на нов договор со „Каталонците“. Иако за неговиот потпис се бореа низа европски ривали, талентот со потекло од Гамбија реши да му остане верен на клубот каде што веќе дебитираше за Б-тимот на неверојатно млада возраст.
Тункара пристигна во системот на Барселона уште во најмладите категории и оттогаш бележи вртоглав напредок. Минатото лето тој прескокна неколку возрасни групи за да му се приклучи на тимот на „Хувенил А“. Со само 15 години, тој импресионира со својата физичка подготвеност и разноврсност, играјќи подеднакво добро како играч од средниот ред и како лево крило. Сезонава веќе постигна четири гола на десет првенствени натпревари.
Поранешниот директор на академијата, Алберт Пуиг, веќе го споредува со Ламин Јамал, истакнувајќи ја неговата способност да ги прави соиграчите подобри и да блесне во клучните моменти.
Иако неколку еминентни европски клубови се обидоа да го соборат со примамливи финансиски понуди, долгорочната визија на Барселона и меѓусебната доверба беа пресудни. Договорот беше официјализиран по неколкунеделни преговори, а целосно ќе се активира во март, кога Тункара ќе наполни 16 години.
Младиот репрезентативец на Шпанија до 17 години цврсто верува дека патот до првиот тим е најкраток токму на Камп Ноу, особено под водство на Ханси Флик, кој е познат по тоа што често им дава шанса на младите фудбалери.