Битката за Африка продолжува во суд: Сенегалските „Лавови“ не ја предаваат круната

Репрезентацијата на Сенегал слави со АФКОН

Битката за трофејот од Африканскиот куп на нации (АФКОН) 2025 официјално се пресели од фудбалските терени во судските сали. Развојот на настаните, кој го привлече вниманието на светската јавност, кулминираше кога Фудбалската федерација на Сенегал (ФСФ) поднесе официјална жалба до Арбитражниот суд за спорт (ЦАС) против одлуката на Африканската фудбалска конфедерација (КАФ).

На 25 март 2026 година, ЦАС потврди дека жалбата е заведена, со јасно барање од сенегалска страна: поништување на претходната одлука на КАФ и официјално прогласување на Сенегал за шампион. Сенегалците тврдат дека нивната победа од 1:0 извојувана на теренот на 18 јануари мора да остане на сила, спротивставувајќи се на административниот триумф од 3:0 кој му беше доделен на домаќинот Мароко по контроверзниот прекин на мечот.

Со регистрацијата на жалбата, меѓународниот правен механизам е веќе во движење. Судот во Лозана најави формирање на специјален арбитражен панел составен од независни експерти кои ќе го разгледуваат случајот. По нивното именување, ќе биде утврден и процедурален календар, со прецизни рокови во кои ФСФ и КАФ ќе треба да ги приложат своите докази и правни аргументи.

Сенегалскиот правен тим дополнително побара одложување на одредени рокови, аргументирајќи дека КАФ сè уште ги нема доставено целосните образложенија за првичната пресуда. Без овие клучни документи, Сенегал смета дека не може соодветно да ја конструира својата одбрана на титулата која ја освоија Садио Мане и неговите соиграчи.

Овој правен судир претставува еден од најголемите скандали во историјата на фудбалот. Во центарот на спорот е толкувањето на Членот 82 од правилникот на АФКОН, кој ги третира случаите кога тимови го напуштаат теренот пред крајот на натпреварот. Додека Мароко тврди дека протестот на Сенегалците го нарушил текот на играта, „Лавовите од Теранга“ се децидни дека се вратиле на терен и чесно го завршиле мечот.

Додека навивачите во Дакар и Рабат со нетрпение го чекаат конечниот збор на ЦАС, судбината на златниот пехар останува во „лифтот“ помеѓу Сенегал и Мароко.