„Бомба“ од Милано: Матета ги одби Англичаните за трансфер во Милан

Играчот на Кристал Палас, Жан-Филип Матета и логото на Милан

Милан направи одлучувачки чекор во потрагата по нов предводник на нападот, откако ги договори личните услови со голгетерот на Кристал Палас, Жан-Филип Матета. 28-годишниот Французин, кој важи за еден од физички најдоминантните напаѓачи во Премиер лигата, јасно стави до знаење дека негова следна дестинација е Милано, одбивајќи ги понудите од неколку англиски клубови. Со веќе договорената повеќегодишна соработка, фокусот сега се префрла на преговорите меѓу клубовите за обесштетување од околу 30 милиони евра.

Иако неколку премиерлигаши, најзаинтересирани Нотингем Форест, беа подготвени да понудат и повисока сума за неговите услуги, желбата на Матета за нов предизвик во Калчото беше пресудна. Директорот на „росонерите“, Џорџо Фурлани, одигра клучна улога во преговорите, убедувајќи го напаѓачот дека проектот на Милан е идеален за неговата кариера. Можноста за настап во Лигата на шампионите и одењето по стапките на Оливие Жиру беа фактори кои Матета не можеше да ги игнорира.

Единствената пречка за моментален трансфер останува тајмингот. Додека Милан притиска за итна преселба уште во овој преоден рок, Кристал Палас се двоуми дали да го пушти својот најдобар стрелец без соодветна замена. Доколку лондонскиот клуб не успее да договори нов напаѓач во наредните часови, Матета би можел да остане во Англија до крајот на сезоната како позајмен играч со обврска за откуп. Сепак, едно е сигурно — пактот е постигнат и Матета во блиска иднина ќе го носи црвено-црниот дрес.