Бразил „врзан“ за Анчелоти: Италијанецот добива договор до 2030 година

Карло Анчелоти и грбот на Бразилската фудбалска конфедерација.

Бразилската Фудбалска Конфедерација направи решителен потег за иднината на националниот тим, доставувајќи му официјална понуда на Карло Анчелоти за продолжување на соработката до јуни 2030 година. Со овој договор, кој се очекува да биде финализиран многу скоро, италијанскиот стратег ќе го предводи и наредниот Мундијал. Раководството на федерацијата не го крие задоволството од неговата работа, истакнувајќи дека тој донел неопходна стабилност во репрезентацијата.

Откако ја презеде функцијата во мај 2025 година по заминувањето од Реал Мадрид, 66-годишниот стручњак направи вистинска револуција во играта на „Селесао“. Анчелоти успеа брзо да ја консолидира одбраната, да воспостави цврста структура во средниот ред и да ја врати препознатливата динамика во нападот. Неговите резултати се оценуваат како огромен напредок во споредба со неговите претходници: Доривал Жуниор, Фернандо Диниз и Рамон Менезес.

Одлуката за соработка до 2030 година, кога Анчелоти би имал 71 година, е јасен сигнал за долгорочната амбиција на Бразил. Наместо краткорочни решенија, федерацијата му дава целосна доверба на Италијанецот да го изгради тимот кој треба да ја прекине долгата суша за светската титула. Досегашните преговори се оценети како исклучително позитивни, а свеченото потпишување е предвидено за почетокот на февруари.