Бруно Фернандеш во друштво на бесмртните: Израмнет рекордот по асистенции во Премиер лигата

Играчот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, радосен

Победата на Манчестер Јунајтед од 3–2 над Нотингем Форест на Олд Трафорд донесе многу повеќе од три клучни бода за пласман на третата позиција. Натпреварот беше сценографија за историја. Кога капитенот на „Ѓаволите“, Бруно Фернандеш, испрати прецизен центаршут кој Брајан Мбеумо го претвори во гол, тоа не беше обично додавање. Со таа 20-та асистенција во сезоната, португалскиот плејмејкер го израмни еден од најтешко достижните рекорди во англискиот фудбал, кој долго се смета за „проколнат“.

Со овој подвиг, Фернандеш стана член на екстремно ексклузивно друштво. Во ерата на Премиер лигата, само уште двајца фудбалски велемајстори успеале да ја достигнат оваа граница во една кампања: легендарниот напаѓач на Арсенал, Тиери Анри (сезона 2002/03) и диригентот на Манчестер Сити, Кевин Де Брујне (сезона 2019/20).

Како што налага модерното фудбалско секојдневие, големите достигнувања ретко поминуваат без дебати и подлабоки анализи, особено од страна на ривалските навивачи. Критичарите брзо ја „раставија“ статистика на Фернандеш, потенцирајќи дека само 8 од неговите 20 асистенции дојдоа од отворена игра. Останатите 12 беа резултат на прекини, што за некои беше повод да ја омаловажат вредноста на овој успех.

Иако нафрлањата од прекини бараат врвна техничка прецизност, модерниот фудбалски наратив инсистира на креативност во динамична игра, поради што дел од јавноста одбива целосно да му се поклони на Португалецот. Сепак, неговите поддржувачи враќаат со едноставен аргумент, „асистенција си е асистенција“. Во физички најнапорната лига во светот, максималното користење на прекините е вистинска уметност, а Фернандеш сезонава ја доведе до совршенство.

Во меѓувреме, од сината страна на Манчестер веднаш пристигна реакција. Навивачите на Сити преку социјалните мрежи потсетија дека Кевин Де Брујне во историската 2019/20 сезона всушност запиша 21 асистенција, но една од нив му беше контроверзно одземена по натпреварот против Арсенал.

Тогаш Белгиецот проби по крилото и испрати повратна топка до Рахим Стерлинг кој ја затресе мрежата. И покрај очигледното, статистичарите на Премиер лигата не му ја признаа асистенцијата поради мала дефлекција од одбранбен играч. Самиот Де Брујне неколку пати низ годините јавно се шегуваше на оваа тема, нагласувајќи ја иронијата дека кога лигата му го честитала јубилејот од 100 асистенции, во официјалното видео го користела токму тоа контроверзно додавање против Арсенал.

Без разлика дали рекордот во очите на ривалите има невидлива ѕвездичка, Фернандеш веќе се запиша во фудбалскиот фолклор. Со оглед на тоа што пред него е уште еден натпревар против Брајтон, капитенот на Јунајтед има златна шанса да ги замолчи критичарите и да остане сам на врвот.