„Допревме дно“: Капитенски крик на Карвахал по историскиот дебакл на Реал Мадрид

Backview of Dani Carvajal holding the ball under his arm and playing for Real Madrid

Реал Мадрид доживеа вистински дебакл во осминафиналето на Купот на Кралот, откако со 3-2 загуби од второлигашот Албасете. Овој пораз е уште поболен ако се земе предвид дека противникот моментално се бори за опстанок во втората лига, а за „Кралевите“ ова беше дебитантски натпревар на новиот тренер, Алваро Арбелоа.

Капитенот Дани Карвахал, кој влезе во игра од клупата за резерви, по натпреварот беше брутално искрен. „Сега навистина го допревме дното. Им се извинуваме на навивачите… Ние играчите сме главните виновници. Не сме на висина на задачата што ја бара овој дрес, а јас сум прв на таа листа,“ изјави Карвахал.

Тој му честиташе на Албасете за пожртвуваната игра. Иако Реал успеа двапати да се врати во игра преку Франко Мастантуоно и Гонзало Гарсија, пресуден беше голот на Хефте во судиското продолжение по една молскавична контра на домашните.

Карвахал упати остри критики до соиграчите, нагласувајќи дека е потребна итна промена на менталитетот. „Секој фудбалер на Реал мора долго да се погледне во огледало. Едноставно не бевме доволно добри. Утре ќе разговараме отворено во соблекувалната за да ги решиме проблемите,“ додаде тој.

И покрај понижувачката елиминација, капитенот верува дека сезоната сè уште може да се спаси преку настапите во Ла Лига и Лигата на Шампионите, но под услов тимот да даде „многу повеќе“ од досегашното.

Новиот стратег Арбелоа го поддржа ставот на својот капитен, оценувајќи дека дури и нерешен резултат против тим од понизок ранг би бил „трагедија“. Овој пораз ја продлабочува кризата на Бернабеу и ја става на тест издржливоста на тимот во период на големи превирања.