Драма во последното коло: Победниците и губитниците од вчерашните натпревари

Најголемите победници на вечерта се екипите кои обезбедија директен пласман во осминафиналето, избегнувајќи го исцрпувачкиот бараж во февруари. Арсенал се етаблира како прв фаворит за трофејот, завршувајќи ја лигашката фаза со максимални осум победи од осум натпревари по триумфот од 3:2 против Каират. Веднаш зад нив е моќниот Баерн Минхен, кој рутински го совлада ПСВ (2:1) за потврда на втората позиција.
Англиската Премиер Лига ја демонстрираше својата надмоќ со дури пет претставници меѓу најдобрите осум. Додека Ливерпул го демолираше Карабах со 6:0 на Енфилд, Тотенхем и Челси покажаа зрелост и изборија резултат на тешките гостувања. Сепак, најпријатното изненадување е лисабонскиот Спортинг, кој и покрај сите предвидувања, заврши на седмото место, пласирајќи се над европските велесили како Манчестер Сити.
Шокантен пресврт доживеаја неколку европски гиганти кои наместо директен премин, сега ќе мора да треперат во плеј-оф фазата (од 9-то до 24-то место). Најзвучното име во оваа група е Реал Мадрид. „Кралевите“ потклекнаа на „Луж“ губејќи од Бенфика со 4:2, резултат кој ги исфрли на деветтата позиција за само еден бод. Во оваа „чекална“ им се придружуваат и ПСЖ, кои ремизираа со Њукасл (1:1), како и милански Интер, чија победа над Дортмунд не беше доволна за влез во Топ 8.
Овие тимови сега ги чека незвесен февруари против незгодни противници како норвешкиот Бодо/Глимт, кој го потврди статусот на „убиец на гиганти“ по победата над Атлетико Мадрид (2:1). За клубови со реноме на Реал или ПСЖ, ова е сериозен удар врз престижот, но и дополнителен товар во и онака пренатрупаниот календар.
За екипите под 25-то место, европската приказна заврши. Најтрагично помина Наполи, на „Наполитанците“ им требаше победа за опстанок и имаа водство против Челси на полувреме, но примија два гола во финишот за пораз од 3:2. Овој неуспех ги закова на разочарувачкото 30-то место.
Најголемата драма на вечерта не дојде од напаѓачите, туку од голманот. Иако Бенфика водеше со 3:2 против Реал, тој резултат не им беше доволен за преживување. Во последната акција од мечот, при еден слободен удар, голманот Анатолиј Трубин тргна „на сè или ништо“ во шеснаесетникот на „Кралевите“.
Во сценарио кое изгледаше како од филм, Трубин највисоко скокна и ја стресе мрежата за конечни 4:2. Овој гол не само што го запечати поразот на Реал Мадрид, туку поради гол-разликата, во последен момент го прескокна Марсеј на табелата и го грабна последното место кое води во баражот. Додека Лисабон славеше чудо, во Марсеј завладеа тишин, францускиот гигант е елиминиран без ниту една секунда простор за одговор.