Ендрик „експлодира“ во Лион: Бразилското чудо од дете постигна и хет-трик

Играчот на Лион, Ендрик, се радува после постигнат гол

Бразилскиот тинејџер Ендрик, кој настапува како позајмен играч од Реал Мадрид, веќе стана главна тема во францускиот фудбал. За само три натпревари во Лига 1, тој запиша дури пет гол-контрибуци. Својата голгетерска серија ја започна против Лил, демонстрирајќи ја својата ладнокрвност во завршницата, додека на дуелот против Брест се истакна како асистент, потврдувајќи дека е комплетна закана за противничките одбрани.

Во неделниот триумф над Мец (5:2), 19-годишниот напаѓач се запиша во историјата на Лион како најмлад стрелец на хет-трик во првенството. Гол-шоуто го започна во 11-тата минута со атрактивен лоб над голманот Јонатан Фишер по додавањето на Толисо. Пред крајот на првиот дел, тој зголеми на 2:0 со прецизен удар, а точка на својот извонреден настап стави со гол од пенал во 87-мата минута.

Покрај Бразилецот, во листата на стрелци се запишаа и Рубен Клајверт и Тајлер Мортон, со што Лион се одлепи на четири бода предност пред Лил во трката за Лигата на Шампионите. Од доаѓањето во декември, билансот на Ендрик од четири гола и една асистенција се покажа како вистински погодок за тимот на Пауло Фонсека. Со оглед на тоа што Лион го очекуваат и дуелите во Лига Европа против ПАОК, неговата форма ветува големи успеси до крајот на сезоната.