Ханси Флик во проблеми: Барса без својот „маестро“ во клучниот дел од сезоната

Младиот играч на Барселона, Педри, се соочува со нов дебакл откако повредата на тетивата повторно го оддалечи од фудбалските терени. Клубот ја потврди дијагнозата по деталните медицински прегледи извршени по победата над Славија Прага во Лигата на Шампионите. Ова е тежок удар за лидерот во Ла Лига, со оглед на тоа што отсуството доаѓа во исклучително важен дел од сезоната.
Шпанскиот репрезентативец доби повреда на мускулот на десната нога за време на дуелот против чешкиот претставник вчера вечер. Педри почувствува болка во второто полувреме, по што веднаш беше заменет со Дани Олмо. Според проценките на медицинскиот тим, закрепнувањето ќе трае околу четири недели, што значи дека неговото враќање се очекува кон крајот на февруари или почетокот на март.
23-годишниот фудбалер би можел да пропушти дури седум натпревари. Тоа вклучува првенствени пресметки против Реал Овиедо, Елче, Мајорка, Жирона и Леванте, како и домашниот дуел од Лигата на Шампионите против Копенхаген и натпреварот од Купот на Кралот против Албасете. Со оглед на тоа што Ханси Флик веќе не може да смета на подолго повредените Гави, Кристенсен и Феран Торес, ротацијата на тимот ќе биде ставена на сериозен тест.
Загрижува фактот што ова е трета повреда за Педри во кус период. Тој паузираше во октомври 2025 година поради сличен проблем, а во декември се соочи и со повреда на потколеницата. Клупските челници најавија максимална претпазливост во рехабилитацијата, која ќе се фокусира на физиотерапија и вежби во теретана, со цел трајно да се спречи повторување на повредите. И покрај пехот, навивачите се надеваат дека Педри ќе се врати во полна сила за финишот од трката за титулата.