Канте пред враќање во Европа? Фенербахче во преговори со Ал-Итихад

Фенербахче направи сериозен исчекор во јануарскиот преоден рок, откако достави иницијална договорна понуда до претставниците на Енголо Канте. Веќе се одржа директна средба околу личните услови, а турскиот гигант сега чека одговор од Ал-Итихад дали ќе дозволи искусниот играч да си замине во средината на сезоната.
Во разговорите учествуваа високи клупски функционери на Фенербахче, меѓу кои Ертан Торуногулари и Девин Озек. Според информациите, на Канте му е понуден договор на две и пол години, а преговорите за личните услови одат во позитивна насока.
Францускиот репрезентативец е подготвен на значително намалување на платата, дури 70 до 80 проценти во однос на примањата во Саудиска Арабија, со цел да се реализира враќањето во европскиот фудбал. Во Фенербахче го гледаат Канте како клучно засилување во борбата за титулата во турксата лига.
Канте има договор со Ал-Итихад до летото 2026 година, а саудискиот клуб засега не е подготвен лесно да се откаже од него. Се очекува тие да побараат голема отштета, иако Фенербахче верува дека може да се најде заеднички јазик.
Во наредните денови се најавуваат директни преговори меѓу двата клуба, но останува неизвесно дали Ал-Итихад ќе даде дозвола за трансфер во текот на сезоната.
За Канте, евентуалното враќање во Европа има и репрезентативна димензија. Иако настапуваше во Саудиска Арабија, тој остави одличен впечаток на Европското Првенство во 2024 со Франција и сериозно размислува за настап на Мундијалот.
Редовните минути во конкурентна европска лига би можеле значително да му помогнат кај селекторот Дидие Дешамп, а во Истанбул би можел повторно да игра заедно со сонародникот Матео Гендузи. Многумина веќе го гледаат Канте како еден од најинтересните можни трансфери оваа зима.