Koшаркарската репрезентација на 10 февруари почнува со подготовки за „балонот“ во Перм
Македонската кошаркарска репрезентација, подготовките за февруарскиот квалификациски „прозорец“ за Евробаскетот кој за Македонија ќе биде реализиран во руски Перм, ќе ги стартува на 10 февруари во Скопје. Според плановите на стручниот штаб на „црвено-жолтите“, во Скопје ќе биде реализиран воведниот дел од подготовките. „Ќе работиме пет дена во Скопје, во салата на СЦ „Јане Сандански“. Планирано е во процесот да бидат вклучени 14-15 кошаркари. Најголем дел од нив ќе бидат со нас од првиот ден. Вклучително и капитенот Војдан Стојановски, но и Џејкоб Вајли, што е и тоа како битен момент за нас. Ќе настојуваме да тренираме во термините во кои ќе се играат квалификациските натпревари во Перм. Значи од 13:00 до 17:00 часот, да се раководиме по онаа четиричасовна временска разлика со Русија. Ќе работиме по еден тренинг дневно, во тие временски термини“, појаснува селекторот. Македонија за Русија тргнува на 15 февруари, а според планот за Перм ќе патуваат 15 кошаркари. Во периодот од 18 до 22 февруари, нашата сениорска селекција треба да одигра четири средби од квалификациите за пласман на Евробаскетот 2022 година.