Контроверзен избор на ФИФА: Ѕвезди изоставени од „најдобриот тим“

ФИФА го објави ФИФПро најдобриот машки тим за 2025 година на свеченоста „The Best FIFA Football Awards“ во Доха, Катар, но наместо пофалби, изборот предизвика лавина реакции и критики меѓу фудбалската јавност.
Тимот е составен од: Џанлуиџи Донарума на голот; во одбраната Ашраф Хакими, Вилијан Пачо, Вирџил ван Дајк и Нуно Мендеш; среден ред Џуд Белингам, Кол Палмер, Витиња и Педри; а во нападот Ламин Јамал и Усман Дембеле.
Најголемо внимание привлече доминацијата на Пари Сен Жермен, кој има дури шестмина претставници во тимот: Хакими, Пачо, Мендеш, Витиња, Дембеле и Донарума (иако во меѓувреме се пресели во Манчестер Сити). Овој избор се поврзува со успехот на клубот во Лигата на шампионите и нормализираниот домашен триумф.
Ливерпул е претставен преку Ван Дајк, додека Барселона има двајца фудбалери: Педри и младиот Јамал. Белингам (Реал Мадрид) и Палмер (Челси), освојувач на Златната топка на Светското клупско првенство, го комплетираат тимот, избран од самите фудбалери врз основа на настапите од август 2024 до август 2025 година.
Реакциите на социјалните мрежи беа жестоки, особено поради изоставувањето на Мохамед Салах, кој ја предводеше Премиер лигата по голови и асистенции, како и на Рафиња, најдобар стрелец и асистент во Лигата на шампионите. Меѓу изоставените се најдоа и Хари Кејн и Жоао Невеш, што дополнително го зголеми незадоволството.
Дел од навивачите го нарекоа изборот на БелингАм „чиста кражба“, имајќи ги предвид колебливите настапи на Реал Мадрид, додека присуството на Палмер беше оспорено поради падот во формата. Особено се дебатираше и за Јамал, за кого критичарите сметаат дека добива признанија повеќе поради потенцијал отколку поради конкретен учинок.
Контроверзијата околу ФИФПро уште еднаш го отвори прашањето дали ваквите награди треба да се темелат на индивидуални бројки, тимски успеси или перцепција меѓу колегите. Додека фудбалерите гласаат според сопственото искуство на теренот, навивачите бараат признание за оние со јасна и мерлива доминација, што ја прави дебатата неизбежна и секогаш жива.