Крај на сонот за Арсенал? Манчестер Сити е новиот фаворит за Премиер лигата

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, разочаран

Етихад одамна е место каде што соништата на гостинските екипи згаснуваат, но ретко кој пораз делувал толку дефинитивно како овој за избраниците на Микел Артета. Победата на Манчестер Сити од 2:1 над Арсена беше моментот кога психолошката предност во трката за трофејот официјално премина во рацете на „Граѓаните“.

Натпреварот ја оправда титулата „финале пред финалето“. По фуриозниот почеток, Рајан Шерки го запали Етихад со мајсторски гол, но радоста траеше кратко откако Каи Хаверц израмни по невнимателна грешка на Донарума. Сепак, второто полувреме помина во знакот на шампионот. Во 65-тата минута, Ерлинг Халанд уште еднаш потврди дека е човек за големи натпревари. По центаршутот на младиот Нико О’Рајли, Норвежанецот го постигна својот 23-ти гол во сезоната, поставувајќи ги конечните 2:1. Иако Арсенал даде се од себе за да израмни во финишот, со слободен удар со глава од Каи Хаверц како нивна најдобра шанса, едноставно не беше доволно.

Со овој триумф, тимот на Пеп Гвардиола се доближи на само три бода до лидерот (70 наспроти 67), но вистинската моќ лежи во натпреварот помалку. Со претстојното гостување кај Барнли, Сити сега е апсолутен статистички и емотивен фаворит за својата седма титула во последните девет години.

За Арсенал, реалноста станува сурова. Пред само неколку недели, тимот фигурираше како фаворит во сите натпреварувања, сонувајќи за историска „квадрупла“. Денес, по серијата од четири порази во последните шест меча, лондонскиот гигант е во слободен пад. Априлското сивило ги чинеше елиминација од ФА Купот и Карабао купот, а сега и премиерлигашкиот трофеј им се лизга од раце. Иако сеуште се во Лигата на шампионите, и имаат способност да го поминат противникот, Атлетико Мадрид, мала е надежта дека во финалето ќе триумфираат над победникот од другиот полуфинален двобој меѓу Баерн Минхен и ПСЖ.

Сликата на Микел Артета, кој на колена го дочека крајот на мечот, најдобро ја отсликува сезоната која ветуваше сè, а во моментов не нуди ништо. За екипа која три години по ред завршува како вицешампион, овој пад делува како дежа-ву кошмар од кој нема излез.

Додека Арсенал се мачи да го најде ритамот, машината на Гвардиола ја достигнува својата врвна форма во вистински момент. Со десет натпревари без пораз, Сити делува незапирливо. Доколку слават на Турф Мур во среда, тие најверојатно ќе го преземат врвот поради подобра гол-разлика, на само пет кола до крајот.