Лапорта го „запали“ фитилот: Претседателот на Барса со жестоки обвинувања за фаворизирање на Мадрид

Претседателот на Барселона, Хоан Лапорта, и логото на Реал Мадрид

Крупните зборови и тензиите повторно се враќаат на релација Барселона Мадрид. Првиот човек на каталонскиот гигант, Хоан Лапорта, упати директни критики за судењето на неодамнешниот натпревар помеѓу Реал Мадрид и Рајо Ваљекано. Според него, интегритетот на натпреварувањето е доведен под знак прашалник поради очигледната наклонетост кон „Кралскиот клуб“.

„Го гледав натпреварот и сметам дека Рајо Ваљекано е грубо оштетен,“ изјави Лапорта. Тој посебно се осврна на сè почестата појава на симулирање, за која смета дека треба поригорозно да се санкционира: „Гледаме играчи кои се навикнаа на ’нуркање‘, а наместо фал, треба да добиваат картони. Имаше пенали кои јас никогаш не би ги досудил. Немаше контакт, туку обична екстравагантна глума и претерување од страна на напаѓачот,“ дециден е претседателот на Барселона.

Покрај спорните фаули, Лапорта јавно го постави прашањето за критериумот при одредувањето на судиското продолжение. Натпреварот на Бернабеу траеше доволно долго за Мадрид да стигне до победнички гол, што за првиот човек на Барса не е случајност.

„Едноставно не ми е јасно од каде се појавија тие 10 минути дополнително време,“ истакна Лапорта, споделувајќи го незадоволството. Тој сугерира дека ваквите отстапки во времето се појавуваат токму тогаш кога на Мадрид му е потребен резултат, со што директно се влијае врз исходот на трката за титулата.

Најсериозните обвинувања Лапорта ги насочи кон медиумската машинерија на ривалот. Тој тврди дека официјалниот канал на Реал Мадрид служи како алатка за притисок врз судиите, креирајќи наратив во кој клубот е постојана „жртва“ на неправди.

„Се фаворизира клуб кој има сопствен ТВ канал со единствена цел: да врши притисок и да тврди дека судиите постојано ги оштетуваат. Тоа е надвор од сите граници,“ обвини Лапорта. Според него, ваквиот константен медиумски прогон создава амбиент во кој судиите, свесно или несвесно, носат одлуки во корист на „Белите“ за да избегнат јавен линч.