ЛШ Спектакл: „Ученикoт“ Арбелоа го пречекува „Маестрото“ Мурињо во Мадрид

Менаџерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа и менаџерот на Бенфика, Жозе Мурињо

Жозе Мурињо се враќа на местото на успехот. Вечерва на Бернабеу, португалскиот стратег ќе ја предводи Бенфика против својот поранешен клуб Реал Мадрид, во клучен натпревар од групната фаза од Лигата на Шампионите. Човекот кој на Мадрид му донесе титули, сега се соочува со својот некогашен играч на теренот, Алваро Арбелоа, кој денес како привремен менаџер седи на клупата на „Кралевите“.

За разлика од Реал Мадрид, кој по убедливата победа над Монако од 6:1 цврсто гази кон директен пласман во осминафиналето, Бенфика се наоѓа во незавидна ситуација. Португалскиот гигант е закотвен на 29-тата позиција со само шест бода и му е неопходен подвиг за да се избори за место во нокаут-фазата.

Мурињо беше брутално искрен во најавата за мечот: „Играме против велесила. Ова е натпревар ‘убиј или биди убиен’. Мораме да бидеме совршено балансирани, бидејќи Реал сурово ја казнува секоја најмала грешка.“

Иако не ја крие емотивната поврзаност со Мадрид и почитта кон Арбелоа, Мурињо нагласи дека пријателството завршува со првиот свиреж на судијата.

„Го сакам Реал и го сакам Алваро, но утре му посакувам лош резултат. Тој израсна во одличен тренер и знам дека ќе оди на победа, но истото важи и за мене,“ додаде Португалцот, нагласувајќи дека неговиот тим влегува во овој дуел со огромен мотив за преживување во елитата.