Мал удар за Челси: бразилскиот талент Естевaо надвор од терените

Estevao training for Chelsea

Челси потврди дека младиот бразилски офанзивец Естевaо добил лесна мускулна повреда и нема да биде во комбинација за претстојниот премиерлигашки натпревар против Њукасл.

Отсуството на 18-годишниот крилен напаѓач од составот за победата од 3-1 над Кардиф во четвртфиналето од Карабао Купот предизвика бројни прашања меѓу навивачите, но тренерот Ензо Мареска по натпреварот ја разјасни ситуацијата.

„Естевaо има мала мускулна повреда. Не е ништо сериозно, но нема да биде подготвен за натпреварот со Њукасл. Ќе видиме за следниот меч, мислам дека тогаш би можел да биде на располагање“, изјави Мареска.

Како најреалистична опција за негово враќање се споменува домашниот натпревар против Астон Вила на 27 декември, доколку рехабилитацијата помине без компликации.

Повредата на Естевaо доаѓа во незгоден момент за Челси, кој се соочува со напорен празничен распоред. Сепак, Мареска изврши значителна ротација против Кардиф, давајќи шанса на млади играчи како Тајрик Џорџ и Џејми Гитенс, додека головите на Алехандро Гарначо и Педро Нето во второто полувреме ја обезбедија победата и пласманот во полуфиналето.

Естевaо настапи од клупата во претходниот дуел со Евертон, а впечатокот беше дека веќе чувствува одреден физички проблем. И покрај турбулентниот период, навивачите на Челси му дадоа силна поддршка на Мареска на гостувањето во Кардиф, скандирајќи го неговото име по, како што самиот рече, „најтешките 48 часа“ пред натпреварот.