Марк Гехи е нов „Граѓанин“: Сити донесе лидер во одбраната

Манчестер Сити и официјално го потврди ангажманот на капитенот на Кристал Палас, Марк Гехи. „Граѓаните“ ќе платат почетни 20 милиони фунти, сума која со дополнителни бонуси се очекува значително да порасне. Овој потег доаѓа како директен одговор на кризата со повреди во тимот на Пеп Гардиола, кој во клучниот дел од сезоната остана без столбовите во одбраната: Јошко Гвардиол, Рубен Дијас и Џон Стоунс.
25-годишниот англиски репрезентативец потпиша договор на пет и пол години, со важност до јуни 2031 година. Според неофицијални информации, неговата неделна плата ќе надминува 300.000 фунти, што јасно го потврдува неговиот статус на еден од најдобрите дефанзивци во Премиер Лигата.
Гехи не го криеше воодушевувањето од преселбата кај манчестерскиот гигант: „Кога Манчестер Сити ќе ве повика… постои САМО ЕДЕН ОДГОВОР“, изјави тој по потпишувањето.
Новиот дефанзивец го избра дресот со број 15, а неговото деби се очекува веќе претстојниот викенд на Етихад против тимот на Вулверхемптон.
Иако сумата започнува од 20 милиони фунти, вкупниот пакет со сите бонуси би можел да достигне над 30 милиони фунти. Кристал Палас, исто така, си обезбеди и солиден процент од неговата идна продажба. Со оглед на тоа што неговиот договор со лондонскиот клуб истекуваше претстојното лето, управата на Палас се одлучи за продажба сега, наместо да го загуби бесплатно по завршувањето на сезоната. И покрај интересот од Ливерпул, Арсенал и неколку европски гиганти, Сити беше најконкретен.
Брзата реакција на Гардиола ја нагласува итноста за засилување на ротацијата во трката за титулата. Смиреноста на Гехи со топката и неговата доминација во воздушните дуели се сметаат за совршено надополнување на системот на Сити. Менаџерот на Кристал Палас, Оливер Гласнер, веќе подолго време најавуваше ваков исход, изоставувајќи го својот капитен од последните неколку натпревари за да го финализира трансферот.