Најголемото „што ако“ во историјата: Кога Меси го одби шпанскиот дрес

Играчот на Аргентина, Лионел Меси, и логото на шпанската фудбалска репрезентација

Тоа е веројатно најголемата енигма во историјата на модерниот фудбал: Што ќе се случеше доколку Лионел Меси ја прифатеше понудата да го облече дресот на „Црвената фурија“? Во една од своите најискрени навраќања кон минатото, аргентинскиот генијалец го потврди она што долго време беше јавна тајна: Шпанија направи сè за да го присвои неговиот талент.

Уште од моментот кога како тринаесетгодишник зачекори во „Ла Масија“, Шпанците препознаа дека пред нивните очи расте нешто несекојдневно. Како што Меси напредуваше низ младинските категории на Барселона, Кралската фудбалска федерација на Шпанија (RFEF) започна дискретна, но упорна офанзива.

„Во еден период, Шпанија се обидуваше да ме убеди да играм за нив,“ открива Меси. Логиката на Шпанците беше беспрекорна: Лео веќе со години живееше во Каталонија, поседуваше двојно државјанство и совршено се вклопуваше во нивниот систем на игра. За нив, тој беше последното парче од сложувалката.

Иако пред него беше една од најмоќните генерации во историјата на фудбалот, за Меси изборот никогаш не беше прашање на логика, туку на идентитет. „Јас сум Аргентинец, но во Барселона пристигнав многу млад. Постоеше можност да играм за Шпанија, но мојата желба секогаш беше Аргентина,“ дециден е Лео.

Токму таа негова цврста одлука ја натера Аргентинската фудбалска асоцијација (AFA) набрзина да организира пријателски натпревар за млади до 20 години против Парагвај во 2004 година. Целта беше едноставна: Меси официјално да биде „врзан“ за Аргентина и еднаш засекогаш да се стави крај на шпанските надежи. Тој дебитираше како замена, постигна соло-гол и ја започна својата одисеја која, две децении подоцна, кулминираше со кревање на златниот пехар во Катар.

Иако Меси ја дочека својата слава со „Албиселесте“, светот и понатаму шпекулира за алтернативната реалност. Доколку ја избереше Шпанија, тој ќе беше дел од веројатно најдоминантниот состав на сите времиња. Замислете го Меси во неговиот врв, интегриран во шпанскиот тим од 2010.

Експертите тврдат дека со Меси во нападот, Шпанија немаше само да доминира на едно Светско првенство, туку веројатно ќе владееше со фудбалот со децении. Сепак, Лео го избра потрнливиот пат. Ја избра долгогодишната борба за признание во својата татковина, докажувајќи дека за него, еден трофеј со Аргентина вреди повеќе од десет освоени на кое било друго место.