„Не се борам и не трчам?“: Фернандеш им одговара на критичарите во искрено интервју

Frontview of Bruno Fernandes complaining for Manchester United

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, отворено проговори за личната тежина што ја носат постојаните критики, во искрено интервју: „Најмногу боли кога луѓето велат дека не се борам или не трчам“, призна португалскиот репрезентативец, јасно спротивставувајќи се на наративите што ја доведуваат во прашање неговата посветеност на теренот.

Фернандеш пристигна на Олд Трафорд во јануари 2020 година за околу 47 милиони фунти и оттогаш стана еден од највлијателните играчи во тимот. Со 103 голови и 77 асистенции на 307 настапи, тој сепак чувствува дека неговиот придонес често се потценува.

„Кога клубот беше во најтешките моменти, јас бев тука. Се надевам дека сите во клубот се свесни за тоа“, истакна Фернандеш, алудирајќи на понудите што ги имал, но и на одлуката да остане и да се бори.

Продолжувањето на договорот до 2027 година, според Фернандеш, не било акт на слепа лојалност, туку резултат на визијата што му била презентирана од клубот: „Останав затоа што верувам дека сè уште можеме да освојуваме трофеи тука“, изјави тој.

Португалецот беше јасен дека без амбиција за враќање на врвот, неговата одлука ќе била поинаква: „Да не беше целта повторно да станеме клубот што бевме, немаше да останам“, рече Фернандеш, нагласувајќи дека токму таа визија го донела и првично во Манчестер.

Во време на големи промени и реструктурирање под водство на Сер Џим Ратклиф, Фернандеш се позиционира како еден од столбовите на новиот проект.

Иако признава дека неговиот престој во клубот не донел онолку трофеи колку што посакувал, Фернандеш одбива да го минимизира својот придонес: „Секако дека сакав да освојам повеќе. Но верувам дека тоа што го дадов за клубот беше важно“, истакна тој, додавајќи дека не сака да го засени трудот на соиграчите.

Со Манчестер јунајтед во процес на обнова, зборовите на Фернандеш не звучат како оправдување, туку како повик за истрајност.
Капитен кој не се откажува, и кој е подготвен да го води клубот назад кон славните денови.