Ноќ на гостите во Лига Европа: Ѕвезда го згази Лил

Дуел меѓу играч на Лил и Црвена Ѕвезда

Нокаут-фазата во Лига Европа донесе вистинска драма и неколку неочекувани исходи, каде што гостувачките екипи речиси целосно доминираа. Најголемото изненадување се случи во Истанбул, каде Нотингем Форест имаше деби од соништата под водство на новиот менаџер Витор Переира. „Шумарите“ го совладаа Фенербахче со убедливи 3:0, а Игор Жесус постави нов клупски рекорд по бројот на постигнати голови во една европска сезона.

Слична судбина го снајде и Селтик. Германскиот Штутгарт покажа супериорна ефикасност во Глазгов, победувајќи со 4:1. Иако шкотскиот шампион накратко се врати во игра преку Нигрен, Билал Ел Канус со два погодоци ја запечати судбината на домаќините, оставајќи им речиси невозможна мисија за реваншот.

Црвена Ѕвезда испиша нови страници во својата историја, остварувајќи ја првата победа на гостување кај француска екипа во големите европски натпреварувања. Со голот на Франклин Тебо Учена во финишот на првото полувреме, белграѓани го срушија Лил со 1:0. Францускиот тим, и покрај иницијативата, не успеа да најде решение за цврстиот дефанзивен блок на „Црвено-белите“.

Во Атина, пак, видовме вистинска борба меѓу Панатинаикос и Викторија Плзењ. Иако домашните водеа со двата гола на Ендрјус Тете, чешкиот претставник се избори за реми (2:2). Среќата беше на страната на Плзењ кога ударот на Ладра се одби од одбраната и заврши во мрежата, поставувајќи го конечниот резултат пред реваншот во Чешка.

Белгискиот Генк со една нога е во осминафиналето по победата од 3:1 над Динамо Загреб, предводен од расположениот Ел Уади. Во Норвешка, италијанската Болоња одигра рутински и славеше со минимални 1:0 против Бран, додека Селта Виго и Лудогорец остварија значајни победи кои им даваат предност пред реванш средбите.