Од маргините до светскиот трон: Како анонимните фудбалери на Мундијалот преку ноќ стануваат „кралеви“ на интернетот

Возиња со солзи во очите и блага насмевка

Само неколку часа пред фудбалерите на Кабо Верде да истрчаат на теренот против европскиот шампион Шпанија на својот дебитантски натпревар на Светското првенство, нивниот 40-годишен голман Жозимар Диас, попознат како Возиња, беше дефиниција за спортски анонимец. Како член на португалскиот второлигаш Шавес, неговата пазарна вредност изнесуваше скромни 40.000 евра. На социјалните мрежи водеше мирен професионален живот со едвај 3.000 следбеници. Тој беше едноставно искусен ветеран кој ги носеше надежите на една мала островска нација од 530.000 жители, целосно невидлив за глобалната спортска јавност.

Соочен со шпанскиот напад, Возиња се претвори во несовладлив бедем. До последниот свиреж за историско реми (0-0), овој ветеран забележа 7 одбрани во шеснаесетникот, три спектакуларни паради и практично сам спречи сигурни голови, станувајќи најстариот голман во историјата на Мундијалите со чиста мрежа на своето деби. За нецели 24 часа, бројот на неговите следбеници на Инстаграм вртоглаво експлодираше на астрономски 7,2 милиони. Уште по лудо е што оваа бројка сеуште расте. Ова е сеизмички културолошки феномен што едноставно не може да се случи во ниту еден друг спорт на планетата.

За да се разбере оваа надреална моќ, доволно е да се направи компарација со американската спортска машинерија. Виктор Вембањама, најекспонираната НБА ѕвезда на новата генерација, има 6,2 милиони следбеници на Инстаграм по години агресивен глобален маркетинг. Џејлен Брансон, предводникот на Њујорк Никс кој штотуку го одведе својот тим до историска НБА титула, има скромни 1,8 милиони. Возиња ги надмина двајцата заедно за едно единствено попладне.

Но, овој Мундијал покажа дека Возиња не е единствениот кој ја почувствува неконтролираната моќ на фудбалската гравитација. Слична, уште поневеројатна судбина доживеа и новозеландскиот дефанзивец Тим Пејн. Пред почетокот на првенството, интернетот реши намерно да го пронајде „најмалку познатиот играч“ на турнирот според социјалните мрежи. Изборот падна на Пејн, кој тогаш имаше едвај 5.000 следбеници. Преку организирана интернет кампања под мотото “No Payne, no gain”, алгоритмите полудеа, Пејн стигна до речиси 6 милиони следбеници уште пред воопшто да дебитира на теренот во ремито против Иран.

На Светското првенство веќе не му е грижа за големината на вашиот пазар, за тоа дали играте во силна лига или дали медиумите ве фаворизираат. Кога милијарди луѓе го гледаат истиот настан, дигиталниот свет едноставно избира свои херои и ги лансира меѓу најпознатите луѓе на планетата за кратки часа.

Сепак, зад вртоглавите бројки се крие вистинскиот мотор на фудбалската доминација: неговата длабока, честопати потресна хуманост. Додека милиони нови фанови трескавично го пребаруваа неговото име, Возиња се скрши од емоции и заплака на теренот. Тие солзи не беа само резултат на спортскиот успех, тие беа товар на лична болка. Поради строгите финансиски гаранции и бавните процедури за визи, неговата мајка не успеа да допатува и во живо да ја посведочи историјата. Тој стоеше сам пред светските камери во најважниот момент од својот живот, со мислите кај семејството кое го одгледало.

„Целиот мој живот работев за овој момент“, изјави Возиња низ солзи по натпреварот. „Размислував и да се откажам, но продолжив токму поради овој сон.“

Еве зошто фудбалот е најголемиот спорт на светот. Тоа не е поради статистиката, пазарните процени или дигиталните броеви. Туку поради фактот што цела една планета може колективно да застане за да сочувствува со приказните на луѓе како Возиња.