Реал Мадрид се повлекува од трката за Конате

Реал Мадрид официјално ја извести управата на Ливерпул дека нема да се вклучи во борбата за Ибрахима Конате, иако Французинот може да стане слободен играч во 2026 година. Повлекувањето на „Кралскиот Клуб“ им дава дополнителен простор на Црвените во тековните преговори за продолжување на договорот со Конате .
Во Ливерпул продолжуваат преговорите со претставниците на играчот и веќе е доставена нова понуда. Клубот е уверен дека може да го задржи еден од клучните играчи од минатогодишната шампионска сезона, иако конечен договор сè уште нема. Ако ситуацијата остане непроменета, од јануари Конате ќе може да преговара со клубови од странство.
Спадот во формата на Французинот оваа сезона, сепак, ги натера потенцијалните заинтересирани клубови да бидат повнимателни. Неколку грешки и нестабилни настапи, особено во натпреварите против ПСВ Ајндховен и Нотингем Форест, ја отворија дебатата околу неговата сигурност во одбраната. Критики стигнаа и од поранешниот стопер на Ливерпул, Џејми Карагер, кој го посочи нарушениот распоред во дефанзивата кога Конате е на терен. Тоа, заедно со повремените повреди и нерешениот договор, најверојатно го насочи Реал Мадрид кон други цели, меѓу кои се споменува и Дајот Упамекано.