„Само две титули во 30 години“: Изјавата на Слот која го разбранува Мерсисајд

Арне Слот се најде во центарот на жестоки дебати по неговите неодамнешни изјави за амбициите на Ливерпул и предизвиците со кои се соочува тимот во оваа тешка сезона. Соочен со огромен притисок на Енфилд, холандскиот стратег отворено укажа на ограничениот играчки кадар како клучен проблем, што предизвика остри реакции кај навивачите и аналитичарите, особено по минатогодишниот триумф во Премиер Лигата и парите потрошени во летниот преоден рок.
Слот се обиде да ги приземји очекувањата, потсетувајќи дека историскиот успех не е секогаш загарантиран: „Целта на Ливерпул е секогаш титулата, но тоа сме го постигнале само двапати во последните 30 години. Знам што е прифатливо за оваа сезона“, изјави тој. Иако тимот е актуелен шампион, менаџерот смета дека борбата за врвот е исклучителен подвиг, а не загарантирана појдовна точка, особено со оглед на моменталните потешкотии во повеќе натпреварувања.
Анализирајќи ја претходната сезона, Слот сугерираше дека и среќните околности одиграле своја улога. Според него, раната елиминација од Лигата на Шампионите овозможила подобра подготовка за првенствените натпревари.
Најмногу прашина кренаа неговите забелешки за трансфер политиката и ресурсите. Слот јавно запраша дали е воопшто можно да се прошири тимот со расположливиот буџет, додавајќи: „Имаме еден или двајца играчи помалку од лани, а кога на тоа ќе додадете три долготрајни повреди, притисокот е огромен“. И додека социјалните мрежи „зовреа“ од негативни коментари во кои фановите го обвинуваат за барање изговори, податоците се неумоливи, Ливерпул во моментов располага со само 15 до 17 редовно достапни сениорски фудбалери. Што е катастрофален менаџмент особено кога ќе се земе во предвид колку Ливерпул потроши минатото лето.