Срам над срамовите: Италија повторно нема да настапува на Мундијалот

Дуел меѓу играчите на Босна и Италија

31.03.26 ќе остане врежан во фудбалската историја како денот кога за една нација сонот стана остварен, а за друга, сурова реалност која наликува на лоша првоаприлска шега. Синоќа во Зеница, Билино Поље сведочеше на незамисливото: Босна и Херцеговина го клекна на колена четирикратниот светски шампион.

Атмосферата во Босна беше наелектризирана, што беше во целосна спротивност со видниот грч кај италијанските фудбалери. Иако Италија доминираше во првите 45 минути и поведе со прецизен гол, текот на натпреварот го смени непромислениот потег на Алесандро Бастони, кој заработи црвен картон и ги остави своите соиграчи во дефанзива до крајот на мечот.

Босна и Херцеговина, носена од фанатичната публика, максимално ја искористи бројната надмоќ. По една извонредна одбрана на Донарума на ударот на Един Џеко, Харис Табаковиќ беше најснаодлив и ја заби топката во мрежата за израмнување. И покрај херојските напори на Италијанците да ја довлечат играта до пенали, таму нивната самодоверба целосно се распадна. Додека Босанците беа „ладнокрвни“ од белата точка, промашувањата на Пио Еспозито и Брајан Кристанте му овозможија на Есмир Бајрактаревиќ со завршен удар да ја запечати победата од 4-1 и да ја однесе Босна на првиот Мундијал по 2014 година.

Ова веќе не е само лоша серија, туку системски колапс. По триумфот во 2006 година, Италија има забележано само една единствена победа на светските првенства (против Англија во 2014). Со третото последователно пропуштено првенство (2018, 2022 и 2026), цела генерација млади италијански навивачи ќе пораснат без воопшто да го видат својот национален тим на најголемата сцена.