Срушен сонот за Светското првенство, Фермин Лопез ја скрши метатарзалната коска

Она што требаше да биде круна на една фантастична сезона се претвори во вистински кошмар за Барселона и за шпанската репрезентација. За време на неделниот натпревар против Реал Бетис, играчот од средниот ред Фермин Лопез беше принуден да го напушти теренот уште на полувремето поради силна болка во десното стапало. Иако првичните прогнози на клупата беа оптимистички, утринските детални прегледи покажаа темна слика, скршеница на петтата метатарзална коска. Од таборот на Каталонците брзо соопштија дека 23-годишниот фудбалер веднаш ќе биде подложен на операција, што автоматски значи крај на неговата сезона и почеток на долг процес на рехабилитација.
Тајмингот за оваа повреда е навистина суров. Оваа сезона, младиот играч доживеа неверојатна еволуција, наметнувајќи се како еден од најважните столбови на „Блауграна“. Неговата неуморна игра, агресивниот пресинг и фантастичниот офанзивен учинок со 13 голови и 17 асистенции беа клучни за успесите на Барселона. Од дете на „Ла Масија“ со огромен потенцијал, тој израсна во играч од светска класа чија пазарна вредност веќе достигна 100 милиони евра.
За шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте ова е катастрофален удар. На помалку од еден месец пред почетокот на Светското првенство во Северна Америка, Фермин беше виден како сигурен патник. По освојувањето на Европското првенство, креативецот требаше да биде едно од главните оружја на Шпанија на глобалната сцена. Сепак, со оглед на тоа што ваквиот тип на скршеница бара пауза од најмалку два месеци, тој е речиси отпишан од Мундијалот. Шпанија губи екстравагантен тркач и сериозна закана по противничкиот гол, оставајќи ја нацијата да жали за она што можеше да биде негово првенство на кариерата.