Тактичка револуција во Премиер Лигата: корнерите стануваат златен извор на голови

Во сезоната 2025/26, рекордни 19% од сите голови во Премиер Лигата се постигнати по изведен корнер, највисок процент во историјата на натпреварувањето. Од вкупно 241 гол, дури 45 дошле по оваа статична ситуација, што ја нагласува сè поголемата улога на тактиките при прекини во модерниот фудбал.
Трендот е јасен, корнерите станаа оружје со двојна намена, создаваат шанси во нападот и бараат посебна организација во одбраната. Тимовите сè повеќе инвестираат во специјализирани стратегии, анализи и тренинзи токму за овие моменти.
Во последните две сезони, Арсенал се претвори во тим што најдобро знае да го искористи потенцијалот на корнерите и останатите статични ситуации. Под водство на Микел Артета, Топџиите развија прецизно усовршени рутини при изведба на прекини, со јасни улоги и добро координирани движења во шеснаесетникот. Тоа им донесе континуиран пораст на голови од корнери и слободни удари, претворајќи ги прекините во вистинско оружје во нивниот офанзивен арсенал.
Арсенал не само што постигнува повеќе голови од вакви ситуации од било кој друг тим во лигата, туку и демонстрира тактичка зрелост. Секој корнер и секој прекин претставуваат шанса за креирање предност. Овој пристап ја потврдува прецизноста, дисциплината и анализата што стојат зад нивниот успех и ја нагласува сè поголемата важност на „малиот детал“ во современиот фудбал.