Трилер во Стокхолм: Ѓокереш ја однесе Шведска на Светското првенство

Виктор Ѓокереш и шведскиот тим

Судирот меѓу Шведска и Полска беше многу повеќе од обичен фудбалски натпревар. Тоа беше пресметка исполнета со висок влог, тактичко надигрување и силни емоции. Пред преполните трибини во Стокхолм, избраниците на Грем Потер успеаја да ги истераат духовите од 2022 година, кога токму Полјаците им го ускратија сонот за настап во Катар.

Шведска под водство на Потер покажа јасен идентитет: течна игра со многу движење, дури и во отсуство на клучни имиња како Александер Исак. Пробивот се случи во 19-тата минута по вистинска фудбалска инспирација: Јасин Ајари со мајсторско додавање со пета го пронајде Ентони Еланга, кој со разорен удар под пречката ја затресе мрежата за почетна еуфорија.

Иако домаќините ја контролираа играта, полската жилавост, предводена од креативниот Никола Залевски, брзо го врати резултатскиот егал. Токму Залевски во 33-тата минута со прецизен фелширан удар го совлада Нордфелт. Сепак, моментумот се врати кај Швеѓаните пред самиот крај на првиот дел, кога Густаф Лагербиелке највисоко скокна по центаршутот на Нигрен и со глава обезбеди водство од 2:1 на паузата.

Второто полувреме донесе драстична промена на силите на теренот. Полска, во очајнички обид да ги задржи мундијалските надежи, воспостави целосна доминација во поседот на топката, кој во одредени моменти достигнуваше неверојатни 77%. Ваквиот притисок вроди со плод во 55-тата минута, кога Карол Свидерски најдобро се снајде во мешаницата пред голот и израмни на 2:2.

Во наредните триесет минути, Шведска беше принудена на грчевита одбрана. Виктор Линделоф израсна во херој на дефанзивната линија, спречувајќи директен гол од корнер на Шимански со интервенција во последен миг. Иако Полјаците упатија дури 15 удари кон голот, шведскиот бедем не попушти, трпеливо чекајќи ја својата шанса од контранапад.

Како што истекуваше регуларниот дел, тензијата во Солна го достигна врвот. Во драматичната 88-ма минута, по хаотична акција во која домаќините ја погодија и стативата преку Зенели, топката стигна до Виктор Ѓокереш. Напаѓачот на Арсенал, кој беше тивок поголемиот дел од мечот, ја покажа својата класа кога беше најпотребно: ја доби физичката битка со својот чувар и ја затреси мрежата.

По постигнатиот гол, на стадионот настана вистински делириум. Ова беше четврти погодок за Ѓокереш во два натпревари од баражот, со што дефинитивно го потврди статусот на нов предводник на оваа генерација. Со триумфот од 3:2, Шведска официјално го завери своето учество на Светското првенство во Северна Америка, ставајќи крај на осумгодишното отсуство од најголемата фудбалска сцена.