Удар за Јунајтед: Патрик Доргу надвор од терените два и пол месеци

Манчестер Јунајтед се соочува со сериозен проблем откако беше потврдено дека младиот бек Патрик Доргу ќе отсуствува околу десет недели поради повреда на тетивата. Иако првичните претпоставки по триумфот над Арсенал беа оптимистични, деталните прегледи потврдија дека станува збор за кинење на мускулот.
Данскиот репрезентативец се повреди во финишот на дербито на Емиратите, каде претходно постигна спектакуларен гол од далечина во победата од 3-2. Иако привремениот менаџер Мајкл Карик по натпреварот се надеваше дека станува збор само за грч, медицинските наоди донесоа лоши вести за 21-годишниот фудбалер, кого сега го очекува долг процес на рехабилитација.
Ова е голем хендикеп за тимот кој под водство на Карик врза две победи по ред. Доргу стана клучен со својата енергија и офанзивен придонес, па неговото отсуство ќе биде сериозен тест за длабочината на составот и снаодливоста на новиот менаџер.
Иако младиот фудбалер беше краток во изјавата по мечот со Арсенал, велејќи само „ќе видиме“, реалноста е дека Јунајтед ќе мора да го продолжи својот подем на табелата без еден од своите нови миленици. Навивачите се надеваат дека овој прекин нема да го забави моментумот по големиот успех во Лондон.