Ивановски почна со победа во квалификациите на Челинџерот во Кобе

Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски (4.носител  во квалификациите) со победа го почна настапот на Челинџер 75 турнирот во јапонскиот град Кобе што се игра за награден фонд од 80.000 долари. Тој во првото квалификациско коло со 2-1 во сетови (6-7(3), 6-2, 6-2) го победи домашниот тенисер Риуки Мацуда (23 години, 570.место) кој во квалификациите играше со вајлд карта. За влез на главниот турнир Ивановски во понеделник во 2 часот и 30 минути по полноќ ќе игра против уште еден домашен тенисер Џејмс Кент Тротер, кој забележа победа од 2-0 во сетови (6-4, 7-5) против Колин Синклер.

Во мечот со Мацуда македонскиот тенсер стартуваше со загубен гем на свој сервис, но потоа во шестиот гем успеа да направи брејк и да изедначи на 3-3. Во 10. гем Ивановски не реализираше три сет топки, па така сетот се решаваше во тај брејк, кој го освои Мацуда откако поведе со 4-1 со два „мини брејка“. Во вториот сет на почетокот имаше по два брејка за секој од тенисерите, а Ивановски поведе со 4-2 и сетот го заврши со уште еден брејк за 6-2. Во решавачкиот сет македонскиот тенисер ја потврди фаворитската улога и поведе со 3-0 и 5-1 во гемови за сетот да го заврши со 6-2.

Ивановски имаше 14 ас сервиси во мечот, а и двојно повеќе „брејкови“ осум наспроти четири на ривалот. Притоа македонскиот тенисер имаше и подобар процент на ретрн од противникот: на прв сервис (41% наспроти 28%) и на втор сервис (62% наспроти 38). Скоорот на освоени поени беше 105:79 за Ивановски.