feature

Голем хендикеп за Реал – Бензема нема да настапи на Ел Класико

Напаѓачот на Реал Мадрид, нема да настапи на најголемото дерби во шпанскиот фудбал, натпреварот против екипата на Барселона.

Бензема има повреда со која се здоби на дуелот со Мајорка во понеделникот. Иако последниве неколку дена тој имаше индивидуални тренинзи во теретана и медиумите пренесуваа дека има шанса за настап во дербито, сепак последните информации говорат дека Французинот не ја санирал повредата и ќе отсуствува од Ел Класико.

Реал е водечки тим во Ла лига со 66 бода и најголеми шанси за освојување на титулата, додека Барса е трета со 51 бод и еден натпревар помалку.


Дест и Пике неизвесни за неделното „Ел Класико“

Фудбалерите на Барселона, Дест и Жерар Пике се повредија во реваншот од осмина финалето со Галатасарај во Лигата на Европа и најверојатно нема да бидат во тимот в недела за „Ел Класико“ пресметката со Реал Мадрид.

Дест беше принуден да го напушти теренот откако почувствува болка во задниот дел на левата надколеница. Првите сензации во соблекувалната не се многу отпимистички, бидејќи отворено се зборува за повреда на бицепсот на бутот.

Ако се потврди степенот на повредата, тоа сугерира пауза од терените неколку недели. Повреда има и искусниот Жерард Пике. Дефанзивецот веќе неколку натпревари се мачи со повреда, што го оддалечи од максимален настап во последно време. И за него е неизвесно дали лекарите ќе го опорават за дуелот во недела.


Антонио Рудигер се договорил со Јувентус?

Според најновите информации од „Газета дело Спорт“, дефанзивецот на Челзи, Антонио Рудигер, ги договорил личните услови со Јувентус и се очекува на лето да се пресели во Торино како слободен играч.

Весникот пренесува дека Германецот ќе потпише договор на четири години, но подетални финансиски податоци не се објавуваат. Рудигер беше многу блиску до обновување на договорот со Челзи, но целата работа се искомплицира после санкциите кон Абрамович и клубот.

Антонио Рудигер е член на Челзи од 2017 каде пристигна од тимот на Рома.


Биното: Наша цел е победа на трката во Бахреин

Шефот на Ферари, Матија Биното, стави крај на претпазливите забелешки пред почетокот на сезоната во Формула 1 и најави дека Скудерија ќе се бори за победа.

„Верувам дека ќе бидеме многу силни во Бахреин, веќе постигнавме добри резултати на тестовите. Мислам дека и Ред Бул се многу силни, можеби Верстапен ќе биде во водство, но разликите ќе бидат мали. Да се задоволиме со второто место? Не, ќе започнеме со идејата за најдобар можен резултат“, изјави Биното.

До крајот на 2020 година, во Маранело им беше забрането да сонуваат за победи поради лошите перформанси на „Црните коњи“, но минатата сезона видовме дека Саинц и Леклерк се се поблиску до челото, додава изданието.

Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон го именуваше Ферари за сериозен фаворит за оваа сезона по првите тестови во Барселона, каде Италијанците покажаа дека нивниот нов болид Ф1-75 е брз, сигурен и стабилен.


Јувентус ќе му понуди нов договор на дефанзивецот Данило, пренесуваат италијанските медиуми.

Jуве и Данило заедно до 2024 година

Актуелниот договор на Бразилецот истекува во 2024 година, но во клубот се многу задоволни од неговите партии оваа сезона.

„Спортмедиасет“ пренесува дека „бјанконерите“ спремиле нов договор и сакаат да го задржат до 2026 година.

30-годишниот Бразилец игра важна улога во тимот на Алегри бидејќи може да игра и како бек и како цетрален дефанзивец. Бразилецот пристигна во Јувентус од Манчестер Сити во 2019 година како дел од трансферот на Жоао Кансело.


Реал Мадрид го посакува Ернандез од Баерн Минхен

Шпанскиот „АС“ споделува информација дека Реал Мадрид изразил огромен интерес за доведување на Лукас Ернандез од Баерн Минхен.

Според изворот, Французинот Ернандез би добил дозвола за заминување од баварскиот клуб доколку висината  на понудата за него биде околу 50 милиони евра.

26-годишниот дефанзивец има важечки договор со германскиот гигант до 2024 година, а оваа сезона има забележано 27 настапи во сите натпреварувања за својот клуб.

Лукас Ернандез во Баерн Минхен пристигна од редовите на Атлетико Мадрид во 2019 година за сума од 80 милиони евра


Левандовски добива нов договор од Баерн Минхен

Robert LEWANDOWSKI, FCB 9 scores, shoots goal , Tor, Treffer, Torschuss, 2-0, 11m, celebrates his goal, happy, laugh, celebration, in the match FC BAYERN MUENCHEN – FC Red Bull SALZBURG of football UEFA Champions League, round of 16 in season 2021/2022 in Munich, Mar 8, 2022. Achtelfinale, FCB, Red Bull,

Според објавите на весникот „Билд“, раководството на Баерн Минхен ќе му понуди нов договор на првиот голгетер во тимот, Роберт Левандовски.

Актуелниот договор на полскиот напаѓач со баварците истекува во 2023 година, па клубот не сака да се стави во позиција да ризикува и да остане без својот најдобар стрелец.

Се очекува новата понуда да биде за тригодишен договор со кој 33-годишниот напаѓач би заработил 85 милиони евра.

Оваа сезона Левандовски во Бундеслигата има постигнато 29 гола додека во Лигата на шампиони успеа да запише 12 погодоци.


Трент Александер-Арнолд ќе паузира поради повреда

Членот на Ливерпул и англиската репрезентација, Трент Александер-Арнолд, поради повреда на тетивата ќе мора да паузира неколку недели, потврди тренерот на екипата, Клоп.

Поради здобиената повреда, Арнолд го откажа и настапот за селекцијата на Англија за претстојните пријателски средби против Швајцарија и Брегот на Слоновата коска.

Како олеснителна околност за Ливерпул е фактот што клубот во наредниот период нема настапи во Премиер лигата поради репрезентативната пауза. Следен нивни натпревар е во ФА купот против аутсајдерот Шрузбери.


Федерер вети донација за војната во Украина

Роџер Федерер, еден од најдобрите тенисери на сите времиња, реши да се огласи на Твитер и објасни како планира да им помогне на децата на Украина.

„Моето семејство и јас сме згрозени од сликите што ги гледаме од Украина и нашите срца се скршени поради невините луѓе кои се погодени од сето ова. Ние се залагаме за мир.

Сакаме да им помогнеме на децата во Украина на кои им е потребна грижа, околу шест милиони деца во Украина моментално не се на училиште и знаеме дека ова е критично време за пристап до образование и сакаме да ги поддржиме да се справат со ова исклучително трауматично искуство.

Преку фондацијата Роџер Федерер, сакаме да продолжиме да ја поддржуваме „War Child Holland“ со донација од 500.000 американски долари за да се постигне пристап до континуирано образование за децата од Украина“, напиша Федерер на Твитер.


Анелка: Кариерите на Меси и Роналдо се завршени

Поранешниот француски репрезентативец Николас Анелка е убеден дека суперѕвездите Лионел Меси и Кристијано Роналдо не се однесувале паметно кога минатото лето решиле да се преселат во Пари Сен Жермен, односно Манчестер Јунајтед.

Сезонава двајцата не ја прикажуваат својата најсилна игра, а нивните екипи доживеаја елиминација во осминафиналето од Лигата на шампионите.

„Нивните кариери се завршени и мислам дека треба да бидат многу среќни со она што го постигнаа во последните 15 години. Беа над сите и сега е нормално да забават. Повеќе ме изненади Меси отколку Роналдо. Мислев дека за Меси Франција ќе биде како прошетка, додека предвидував дека на Роналдо ќе му биде потешко во Англија, бидејќи за мене Премиер лигата е најсилното првенство во светот. И двајцата требаше да бидат попаметни. Токму тоа им се случува на играчите кои сакаат да играат повеќе време. Не постапија паметно. Мораа да смислат полесен предизвик бидејќи треба да донесете правилни одлуки за да завршите на врвот. Има играчи кои не се двоумат да се пензионираат на 32, 33 или 34 години за да не бидат критикувани. Се откажав на 36, но на 32 отидов во Кина“, изјави Анелка.