feature

Хенес потврди дека Баерн преговара со Рангник

Почесниот претседател на Баерн Минхен, Ули Хонес призна дека се водат преговори со Ралф Рангник за негово евентуално назначување за тренер на тимот. Во моментов тој е селектор на австриската репрезентација и се подготвува за настап на ЕП 2024 година.

„Мислам дека во рок од една недела ќе донесеме одлука“, изјави Хенес во интервју за „Франкфуртер алгемајне“.

Тој е дел од Управниот одбор на Баварците, прецизирајќи дека збор имаат и останатите директори таму.

„Разговараме за прашањето и ако на пример некој од другите кои треба да одлучат не може да го толерира дадениот кандидат за тренер, тогаш нема да го земеме. Не одлучувам само јас, тоа е и право на претседателот Херберт Хајнер и другите луѓе“, додаде Хенес


Барса го враќа Верати во Европа

Италијанскиот интернационалец, Марко Верати, налето се враќа во Европа, откако оваа сезона ја мина во екипата на Ал-Араби од Катар.

Тој минатото лето беше продаден од ПСЖ за 45 милиони евра, но се чини дека Блискиот Исток и не му се допадна баш.

Во Катар одигра само 16 натпревари и не успеа да постигне ниту еден гол, но забележа седум асистенции.

Според шпанските медиуми, неговиот агент веќе преговара со Барселона за негов трансфер, бидејќи „каталонците“ биле загреани да го ангажираат 31-годишниот фудбалер во своите редови.


Шведските клубови отфрлиле можност за имплементирање на ВАР-технологијата

Шведската елитна лига нема да воведе систем за видео анализа (ВАР) откако фудбалските клубови го изразија своето противење на технологијата, изјави денеска претседателот на Фудбалската федерација на Шведска (SvFF), Фредрик Рајнфелд.

ВАР постојано е во центарот на контроверзи во лигите каде е воведен, со поплаки поврзани околу обемната анализа и одложувањата кои често траат неколку минути.

Во јули 2023 година, шведската професионална фудбалска лига, која ги претставува клубовите во првите две дивизии, порача дека мнозинството клубови во земјата „активно се противат“ на воведувањето на ВАР.

„Ако броев правилно, имаме 18 елитни клубови и две области кои рекоа дека не сакаат да воведат ВАР“, изјави денеска Рајнфелд, кој е поранешен премиер на Шведска, за весникот Афтонбладет.

„Ние го почитуваме тоа. Затоа на претходниот состанок на Претставничкиот комитет воопшто не изнесовме предлог за ВАР и не го предвидувам тоа ниту во иднина. Јас сум за почитување на демократските правила на игра“, истакна првиот човек на шведскиот фудбал.


Легендарната Марта објави заминување во пензија

Најдобриот стрелец во историјата на Бразил во машки и женски фудбал, 38-годишната Марта Вијера да Силва, одлучи да се пензионира оваа година.

Марта, која од 2017 година настапува за американскиот клуб Орландо Прајд, изрази надеж дека пред повлекувањето од фудбалот ќе може да настапи на претстојната Олимпијадата во Париз.

„Ако одам на Олимпијадата, ќе уживам во секој момент, бидејќи, без разлика дали ќе бидам во Париз ова ми е последна година со репрезентацијата, изјави Марта во интервју за Си-Ен-Ен.

„Од 2025 година Марта повеќе ќе ја нема во репрезентацијата. Многу сум смирена поради тоа бидејќи со голем оптимизам гледам на развојот на спортот што го имаме во однос на младите спортисти“, додаде таа.

Марта, позната како „Кралица Марта“, е најдобар стрелец на сите времиња во Бразил со 116 гола на 175 натпревари. Таа е и најдобар стрелец на женските мундијали со 17 голови.


Сане од Баерн најнова желба на новата Барселона

Поради тешката финансиска состојба, Барселона летово ќе биде принудена да продава играчи, особено ако сака да донесе звучни засилувања.

Еден од споменатите во шпанските медиуми е и Лерој Сане. Барселона веќе стапила во контакт со Баерн за да дознае какви барања би имал германскиот клуб за нивниот 28-годишен крилен напаѓач.

Сане е под договор со Баерн и за следната сезона, а „Трансфермаркт“ неговата вредност ја проценува на 70 милиони евра. Шпанските медиуми пишуваат и дека Барселона би можела да испрати некој свој играч во Баерн и со тоа да ја намали цената на германскиот репрезентативец.

Сане пристигна во Баерн во 2020 година од Манчестер Сити. Во англискиот клуб освои две првенствени титули и осум трофеи, а откако пристигна во Баерн стана трикратен германски шампион и освојувач на вкупно седум титули.


Ѓоковиќ: Се надевам дека барем уште еднаш ќе играм против Надал

Новак Ѓоковиќ сака повторно да игра со Рафаел Надал пред да се повлече од тенисот.

„Имам голема почит кон легенда како Рафа и се надевам дека ќе играм со него барем еднаш пред да му заврши кариерата. Тој е добра личност и легенда на нашиот спорт. Тој е мојот главен ривал. Во Австралија реков дека се надевам дека ќе го видам барем на уште еден или два турнири. Сè уште верувам во тоа“, сподели Новак за еден од неговите најголеми ривали во кариерата.

Шпанскиот репрезентативец веќе неколку пати сигнализираше дека наскоро може да стави крај на својата натпреварувачка тениска кариера.


Наз Рид е најдобар шести играч во сезоната во НБА лигата

Кошаркарот на Минесота, Наз Рид е прогласен за најдобар шести играч во НБА, објавено е денеска на официјалната веб-страница на натпреварувањето.

Рид сезонава имаше просек од 13,5 поени и 5,2 скока на 81 натпревар. Тој играше на 67 натпревари од клупата, заменувајќи ги Руди Гобер и Карл Ентони Таунс.

Во соопштението на НБА беше наведено дека Рид добил 352 гласа, додека второто место го освои кошаркарот на Сакраменто Малик Монк со 342. Третопласиран беше кошаркарот на Милвоки Боби Портис, кој освои 81 глас, додека играчот на ЛА Клиперс, Норман Пол, заврши на четвртата позиција со 65.


ПСЖ уштe еднаш се изјасни против формирање на Суперлига

Претседателот на Пари Сен Жермен, Насер Ал-Келаифи, кој ја предводи Европската клупска асоцијација, повторно се изјасни против создавањето на Суперлига, за која лобираат шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона.

„Го прашав претседателот на Барселона – Лапорта кога ќе се откажат од оваа глупава идеја за создавање Суперлига. За мене не постои Супер лига. Лигата на шампионите е најдобриот клупски турнир во светот. Тие се во него, ние се сретнавме во четврт-финалето, се надевам дека ќе го прекинат ова наскоро, бидејќи тоа е бесмислен потфат“, рече Ал-Келаифи за „Мундо Депортиво“.

На крајот на минатата година, Европскиот суд на правдата ги прогласи за незаконски постапките на ФИФА и УЕФА за забрана на создавањето на Суперлигата, која започна во 2021 година.


Мијатовиќ: Модриќ треба да добие нов договор во Реал

Поранешниот напаѓач на Реал Мадрид, Предраг Мијатовиќ денеска изјави дека раководството на клубот треба да го продолжи договорот со хрватскиот фудбалер Лука Модриќ поради, како што наведе, неговото однесување и „спектакуларната игра“.

„Би го продолжил на уште една година, не само поради фудбалски причини, туку и поради неговото однесување. Тој е играч кој никогаш не правел проблеми и неговиот настап е спектакуларен, би се обидел да го натерам да се пензионира во Реал Мадрид“, изјави Мијатовиќ за шпанското радио „Кадена СЕР“.

Модриќ, 38-годишниот капитен на хрватската репрезентација, сезонава за Реал одигра 19 натпревари во стартниот тим, а во 19 влезе од резервната клупа.


ПСЖ и Луис Енрике рушат рекорди во Лига 1

Иако Пари Сен Жермен допрва треба да ја обезбеди титулата во Лига 1, францускиот гигант продолжува да испишува историја во својата домашна лига. Парижаните со победата против тимот на Лориент со 4:1, ја продолжија низата без пораз на гостински терен на 22 последователни натпревари, што до сега не го направила ниту една екипа од шампионат на Франција.

Пари Сен Жермен последен пат загуби на гостински терен на 11 февруари 2023 година во натпреварот од 23. коло на Лига 1 минатата сезона, кога загуби со 1-3 од Монако. Претходниот подвиг му припагаше на Лион, кој беше непоразен на гостувањата од март 2005 до април 2006 година.

Големата ѕвезда на тимот, Килијан Мбапе, исто така постигна гол и асистираше на натпреварот против Лориент, со што се искачи на 43 во сезоната и го подобри својот личен максимум во однос на постигнувањата во една сезона.

Парижаните во моментов имаат 11 бода предност пред второпласираниот Монако, а доколку победат на претстојниот меч против тимот од Ле Авр на 27 април ќе ја обезбедат и титулата.