Поранешниот тренер на ракометниот клуб Вардар, Веселин Вујовиќ пронајде нов тренерски ангажман.
Вујовиќ ќе се сели во Азија бидејќи се согласи да биде селектор на иранската ракометна репрезентација. Црногорскиот тренер во изминатиов период се споменуваше како најсериозен кандидат за преземање на клупата на женскиот ракометен клуб Подравка од Хрватска, но очигледно дека таа опција нема да се реализира.
„Можам да потврдам дека постигнав договор со иранската ракометна федерација и од април ќе бидам селектор на нивната репрезентација“, изјави Вујовиќ.
Локатели позитивен на ковид-19, неизвесен за дуелот против Македонија
Уште една лоша вест во Јувентус. Ден по елиминацијата од Виљареал во Лигата на шампионите, Мануел Локатели бил позитивен на тестот за ковид 19. Ова го соопштија од тимот на Јувентус преку социјалните мрежи.
Фудбалерот од средниот ред на Јувентус ќе биде принуден да го пропушти следниот натпревар во Серија А против Салернитана, а останува неизвесно дали ќе му биде на располагање на Манчини за настапот во репрезентацијата на Италија в четврток во Палермо на мечот со Македонија.
Мазрауи негира договор со Барселона
Според најавите Барселона би можела да биде еден од најактивните клубови во летниот преоден рок.
Каталонците обезбедија нов спонзорски договор и на лето со неколку засилувања ќе се обидат да се вратат на победничкитеп атеки. Главна мета се фудбалерите кои ќе бидат слободни агенти, токму таков е играчот на Ајакс Нусаир Мазрауи.
Бекот останува без договор на крајот на сезоната и веќе најави дека нема да го продолжи и ќе продолжи во друг клуб. Сепак, како што тврди договор со Барселона нема.
„Со Барселона ништо не е комплетирано, не сме блиску до договор, во спротивно ќе бев искрен со вас“, кратко изјави Мароканецот.
Замер импресиониран од понудата на Сити за Халанд
Матијас Замер е фудбалска легенда на Борусија Дортмунд, а во моментов ја извршува функцијата на советник во клубот, па поради ваквата функција, привлече огромно внимание неговата последната изјава која ја даде за ѕвездата која сите очекуваат да си замине од „Сигнал Идуна Парк“.
Ерлинг Халанд ова лето може да си замине за сума од 75 милиони евра и тоа не треба да претставува проблем за најголемите европски гиганти, кои пак сега се борат да му понудат што е можно подобри услови на Норвежанецот кога се финансиите во прашање, но и времетраењето на договорот.
Медиумите во Англија откриваат дека Манчестер Сити е подготвен да му понуди неделна плата која надминува 500 илјади фунти, вест која во еден дел ја потврди и Матијас Замер кој вели дека паднал во несвест кога видел колку пари нудат „граѓаните“ за младиот напаѓач.
„Знам дека Манчестер Сити го сака Халанд. Кога видов за каква сума станува збор, каква сума му понудиле, се онесвестив. Сопругата мораше да ме подигне од подот. Ако се суди според сумата, може да дојде до реализација на таа зделка, не знам да бројам до толку добро, искрено, сакам да видам соработка меѓу Халанд и Гвардиола. Двајцата ќе имаат бенефит еден од друг, можам да замислам како ќе изгледа овој тим на Манчестер Сити со таков центарфор. Тоа би била интересна комбинација“, изјавил Матијас Замер.
Емери: Елиминиравме еден од фаворитите во Лигата на шампионите
Тренерот на Виљареал Унаи Емери, по победата од 3:0 како гостин над Јувентус во Лигата на шампионите, изјави дека неговиот тим успеа да елиминира еден од фаворитите за титулата во ова натпреварување.
Шпанците вешто се бранеа на стадионот во Торино и во последните 15 минути постигнаа три гола, два пенали со три удари кон голот со што го елиминираа италијанскиот гигант.
Виљареал се пласираше во четвртфиналето на Лигата на шампионите за прв пат по 13 години.
„Нашиот голман имаше одлична партија, имавме среќа после гредата на Влаховиќ во првото полувреме. Се браневме длабоко на својата половина, имавме трпение и на крајот го дочекавме нашиот момент“, изјави Емери на прес-конференцијата по натпреварот.
Додека Погба играл против Атлетико, крадци „оперирале“ во неговиот дом
Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Пол Погба, открил дека неговата куќа била ограбена за време на натпреварот против Атлетико во осминафиналето на Лигата на шампионите. Во тој момент во куќата биле неговите деца.
„Најлошиот кошмар на нашето семејство се случи ноќта кога нашата куќа беше ограбена додека нашите деца спиеја во нивната спална соба. Разбојниците беа во нашата куќа помалку од пет минути, но за тоа време ни зедоа нешто повредно од се што имавме дома… нашето чувство на сигурност е нарушено. Тоа се случи во последните минути од натпреварот кога знаеја дека нема да бидеме дома. Јас и сопругата побрзавме дома, не знаејќи дали нашите деца се добро или не. Како татко, можам да кажам дека нема полошо чувство на овој свет од тоа да не можеш да бидеш таму за да ги заштитиш твоите деца, и искрено се надевам дека никој никогаш нема да го почувствува она што јас го чувствував синоќа. Поради оваа причина би сакал да понудам награда за секој што има некаква информација за да ни помогне“, напиша Погба.
Да потсетиме, по резултатите од два натпревари, Манчестер Јунајтед загуби од Атлетико Мадрид со вкупен резултат 1-2 и испадна од Лигата на шампионите.
Клоп: Не размислувам за Манчестер Сити, но знаеме што треба да направиме
Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп беше презадоволен по победата на неговиот тим над Арсенал од 2:0 во одложениот натпревар од англиската Премиер лига.
Успехот во Лондон го остави Ливерпул на второто место во поредокот, но сега тимот заостанува само еден бод зад Манчестер Сити.
Двата тима имаат и директен дуел меѓу себе. Натпреварот чиј домаќин ќе биде Манчестер Сити се игра на 10 април, и можеби ќе биде одлучувачки за титулата во оваа сезона.
„Вистината е дека не размислувам многу за Манчестер Сити. Знам дека единствената шанса ни е ако победиме на сите останати натпревари до крајот. Во текот на последните неколку години, играме на екстремно високо ниво. Ова го прави секој натпревар потежок. Треба да уживаме, но и да бидеме подготвени за интензитетот“, изјави Клоп.
Бонучи со извинување кон фановите на Јувентус
Дефанзивецот на Јувентус, Леонардо Бонучи го пропушти поразот од Виљареал со 0-3 поради повреда, но сепак преку пост на Инстаграм тој им се извини на навивачите на „старата дама“ за испаѓањето во осминафиналето од Лигата на шампионите.
„Доживувањето на ваков натпревар надвор од теренот за прв пат во кариерата и неможноста да бидам на теренот ме натера да разберам како се чувствуваат нашите навивачи во вакви моменти. Единственото нешто што можам да го направам во моментов е да им се извинам на сите. Треба да го претвориме ова разочарување во гнев и да го искористиме на нашите преостанати натпревари и да ги постигнеме нашите идни цели“, порача Бонучи.
Левандовски уште без договор, Баерн ризикува да го загуби напаѓачот
Роберт Левандовски дефинитивно во овој момент е најважен фудбалер на Баерн Минхен, меѓутоа можеби неочекувано германскиот клуб се уште не му понудил нов договор на полскиот голгетер.
Во последниот период никој од Баер не разговарал со Левандовски на оваа тема, а тоа како што пишува реномираниот „Билд“ почнува да го иритира Левандовски. Во текстот се наведува дека Левандовски ваквото однесување на Баерн го смета за непочитување и размислува да не ја продолжи соработката по истекот. Левандовски со Баерн има договор до 2023 година и во клубот заработува 24 милиони евра годишно, а германските медиуми шпекулираат дека во Баерн не се сигурни дали Полјакот заслуѕжува подобар договор со оглед на годините.
Однесувањето на Баерн го критикуваше и германската легенда Лотар Матеус кој не може да разбере зошто баварците така се однесуваат кога е тешко да се најде замена за Левандовски.
Алегри: Испаднавме наивни против дефанзивниот Виљареал
По елиминацијата на Јувентус од Виљареал во осминафиналето во Лигата на шампионите, Италија остана без учесник во четвртфиналето од елитното натпреварување. Претходно истата судбина го снајде и Интер кој беше елиминиран минатата недела.
Тренерот Масимилијано Алегри, кој се најде на удар на јавноста, изјави дека не ги обвинува фудбалерите, и ја нарече играта на својата екипа наивна.
„Виљареал играше со деветмина зад линијата на топка и дури не сакаа да излезат повисоко. Не се обидуваа да нѐ нападнат и сакаа да го однесат натпреварот во продолженија. На крајот ние излеговме многу наивни и дозволивме да направиме грешки кои не чинат елиминација. Цели 75 минути игравме добро, но во фудбалот секогаш се можни вакви работи, посебно во Лигата на шампионите. Ќе го прифатиме овој пораз, не ги обвинувам фудбалерите“, изјави Алегри.