feature

Коке: Јан Облак е најдобриот голман во светот

Капитенот на Атлетико Мадрид, Коке, не го криеше задоволството откако неговиот тим го победи Манчестер Јунајтед со 1:0 на „Олд Трафорд“,и се пласираше во четврт-финалето на Лигата на шампионите. 

„Сакаме да стигнеме што подалеку во Лигата на шампионите. Оваа победа е многу важна за нас бидејќи доаѓа во сезона полна со подеми и падови. Мислам дека заслуживме да победиме и на првиот натпревар во Мадрид. Денеска напорно се боревме и успеавме да го добиеме заслуженото“, изјави Коке.

Капитенот го коментираше и брилијантниот настап на голманот Јан Облак, кој имаше неколку извонредни интервенции на натпреварот со кои ја зачува недопрена мрежата на својот гол. 

„За мене, Облак е најдобриот голман во светот. Тоа уште еднаш го докажа на овој натпревар“, потенцира капитенот Коке.


Навивачите на Челзи во тепачка со полицијата во Лил

Навивачите на Челзи кои допатуваа во Франција за реванш натпреварот од осминафиналето во Лигата на шампиони против Лил, направија неколку инциденти низ градот, искажувајќи ги своите фрустрации околу состојбите во својот клуб.

Според медиумите во Франција, дел од навивачите го скандираа името на Роман Абрамович, по што започнаа тепачка со полицијата која употреби солзавец за смирување на ситуацијата.

https://twitter.com/Ultramaniatics_/status/1504190950892982276?s=20&t=DSZny6SV9nlHXxJBaWk8oQ


Интер го сака Себастијан Алер од Ајакс

Директорите на Интер се сретнаа со претставници на напаѓачот на Ајакс, Себастијан Алер, пишува „Газета дело спорт“.

Сепак, преставниците на Интер биле информирани дека холандскиот гигант бара 35 милиони евра за 27-годишниот играч од Брегот на Слоновата Коска, кој има одлична сезона во дресот на клубот од Амстердам и е еден од најпродуктивните напаѓачи во Европа. Досега оваа сезона Алер ​​има постигнато 32 гола на 34 натпревари во сите натпреварувања. Има 19 гола во шампионатот на Холандија и 11 во Лигата на шампионите.

Интер во моментов не сака да плати толкава сума за играчот, но самиот играч е отворен за трансфер во Серија А и двете страни ќе останат во контакт.


Монфилс: Не е лесно да се гледа сопругата како страда и плаче секој ден

Францускиот тенисер Гаел Монфис забележа победа во третото коло на Индијан Велс – го победи првиот светски тенисер Данил Медведев со 2-1 во сетови.

По натпреварот Монфис зборуваше за својата сопруга, украинската тенисерка Елина Свитолина.

„Не е лесно секоја вечер да се види расплакана и загрижена мојата сопруга, но се трудам да и помогнам да се чувствува подобро. Јас сум тука за неа секој ден. И за нејзиното семејство за кое подеднакво се грижам. Тешко е сето тоа да се опише освен ако не сте дел од тоа на некој начин. Тоа што се случува е лудост“, рече Монфис.

Францускиот тенисер во осминафиналето ќе вкрсти рекети со младиот Карлос Алкараз, кој игра во голема форма.


Револуционерна промена на тениските правила на Грен слем турнирите

Сите четири Гренд слем турнири воведуваат правило за тај-брејк до 10 поени во одлучувачкиот петти сет на едногодишен пробен период, почнувајќи од овогодинешниот „Ролан Гарос“ кој започнува на 22 мај, соопшти Извршниот одбор на четирите најголеми турнири.

Продолжениот тај-брејк ќе се игра при резултат 6-6 во петтиот сет за тенисерите, а во третиот за тенисерките. Ова е историска промена кога станува збор за вториот Гренд слем за годинава, бидејќи досега не е одигран тај-брејк во одлучувачкиот сет во Париз.

„Оваа одлука е донесена врз основа на силна желба да се зголеми конзистентноста на правилата на Гренд слем турнирите. По една година планираме да работиме со ВТА, АТП и ИТФ за да видиме што донесе оваа промена и евентуално трајно да ја воведеме“, соопштија од ИО.


Јуве му нуди нов договор на Бразилецот Данило

Дефанзивецот на Јувентус, Данило може да го продолжи договорот со италијанскиот клуб. Раководството на Јувентус му понудило на 30-годишниот бразилски фудбалер нов договор, со важност до јуни 2026 година. Актуелниот договор на Данило со клубот истекува во јуни 2024 година. Да потсетиме дека Данило се пресели во Јувентус од Манчестер Сити во летото 2019 година. 

Трансферот изнесуваше 37 милиони евра. Оваа сезона, дефанзивецот учествуваше во 22 натпревари за клубот од Торино во сите натпреварувања, постигна 1 гол и 2 асистенции.

Јувентус по 29 натпревари освои 56 бодови и се наоѓа на 4. место на табелата во италијанската Серија А  каде лидер е Милан со 63 бодови.


Серија А е следната дестинација на Нејмар?

Покрај Мбапе најверојатно и Нејмар на крајот на сезоната ќе го напушти Пари Сент Жермен, пренесуваат француските медиуми.

Нејмар има договор со ПСЖ до 2025 година, но разочара и оваа сезона, а на мечот со Бордо беше исвиркан и навредуван од навивачите на „светците“.

Раководството на ПСЖ исто така не е задоволно од партиите кои ги пружа Бразилецот, па е спремно да го продаде на лето. Нејмар може слободно да си бара нов клуб, а наводно веќе стапил во контакт со челните луѓе на Јувентус.

Јувентус минатото лето се ослободи од Роналдо, а сега ќе се обиде да го донесе Нејмар во Торино.


Талески пред баражот со Романија: Сега сме покомплетни како екипа

Ракометната репрезентација на Македонија, ги одржува последните тренинзи пред бараж натпреварите против селекцијата на Романија. Првиот дуел со Романците е закажан за четврток во Скопје, а реваншот ќе се игра два дена подоцна во Букурешт.

Селекторот на репрезентацијата, Лазаров, ги има на располагање сите повикани ракометари, но радува фактот што и самиот Лазаров е подготвен за настап на теренот. Свое мислење и очекување за баражот даде и репрезентативниот бек Филип Талески.

„Нема да биде исто како на Европското првенство во Унгарија. Сега ќе бидеме покомплетни, бидејќи во тимот ќе ги имаме Кире Лазаров, Маркоски и Стоилов. Романија ни е познат противник и добро знаеме каков квалитетен селектор е Чави Пасквал. Верувам дека претстојните натпревари ќе ги одиграме максимално подготвени и очекувам пласман на СП“, изјави Филип Талески.


Милевски ги одбра адутите за дуелот против Италија

Селекторот на нашите најдобри фудбалери, Благоја Милевски, денес на средба со новинарите го објави списокот на репрезентативците за престојниот бараж против Италија за место на Мундијалот во Катар.

На списокот се ставени и суспендираните Елиф Елмас и Тихомир Костадинов, кои нема да може да играат против европскиот првак Италија, но, ќе бидат во комбинација доколку обезбедиме пласман во завршниот бараж против подобриот од мечот Турција – Португалија.



Милевски: Против Италија ќе прикажеме офанзивен фудбал

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, изјави дека нашата селекција не планира да се брани во бараж средбата со Италија, туку ќе се обиде да игра офанзивно и да забележи победа над актуелниот европски првак.

„Тоа ќе биде отворен натпревар на кој се е можно. Нашите репрезентативци треба да уживаат во овој бараж и да покажат дека не е случајност што се бориме за пласман на Светско првенство. Оваа селекција не знае да игра дефанзивно и пасивно. Тоа веќе го покажавме во натпреварите од квалификациите, и сигурен сум дека ќе го покажеме и на дуелот против Италија“, потенцира селекторот Милевски.