feature

Ди Марија го напушта ПСЖ и се враќа во Бенфика?

Аргентинецот Анхел Ди Марија е на излезна врата од Париз Сен Жермен. Тој веќе подолго време не е во плановите на тренерот Почетино и најверојатно на крајот од сезоната нема да го продолжи тековниот договор кој истекува ова лето.

Според медиумите во Франција, 34.годишниот фудбалер надвор од сите очекувања ќе се врати во Португалија и ќе заигра за својот некогашен клуб, Бенфика.

Неговото евентуално враќање на „Ла Луж“ би бил неочекуван потег поради фактот што тоа би значело огромно намалување на неговата плата која во моментот во ПСЖ изнесува 13 милиони евра по сезона. Можеби носталгијата и желбата на играчот ќе бидат пресудни во неговата одлука.


Фантастичните „Волци“ го изедначија рекордот на Арсенал

Екипата на Вулверхемптон прикажува одлични игри во одбраната, посебно кога се работи за настапите на гостински терен.

Популарните „Волци“ немаат примен гол на гостински терен во првото полувреме на 14 последователни натпревари, со што го израмнија рекордот на Арсенал.

Екипата која тогаш беше предводена од Арсен Венгер, од септември 1998 до април 1999 година успеа да не прими гол во првите 45.минути од натпреварите на сите нивни гостувања.

Вулверхемптон во моментот се наоѓаат на седмото место од табелата во Премиер лигата со освоени 46 бодови.


Том Брејди се предомисли и ќе ја продолжи својата играчка кариера

Легендарниот Том Брејди ќе ја продолжи својата НФЛ кариера. Тој се предомисли и преку објава на социјалните мрежи потврди дека и наредната сезона ќе го носи дресот на Тампа Беј Баканирс.

„Во последниве два месеци сватив дека моето место и понатаму е на теренот, а не на трибините. Ги сакам моите соиграчи, и го сакам моето семејство кое ми дава поддршка. Без нив ништо од ова не би било можно. Се враќам за својата 23.сезона во Тампа. Имаме недовршена работа“, порача Брејди.

44-годишната легенда на спортот, претходно на 1.февруари објави дека става крај на 22 години долгата играчка кариера, во која освои седум титули, но на радост на огромниот број негови фанови, тој ја промени одлуката и одлучи да се врати на теренот.


Супер вест за Баерн Минхен – Повредата на Горецка е минато

Еден од главните играчи во средниот ред на Баерн Минхен, Леон Горецка е се поблиску до враќање на теренот. Германскиот репрезентативец нема настапувано за својот тим повеќе од три месеци откако го повреди коленото на дербито против Борусија Дортмунд.

Очекувањата се дека играчот ќе се приклучи на тренинзите со своите соиграчи во текот на следната недела.

„Леон е добро. Неговото колено не покажува негативни реакции после вежбање. Одлично се опорави и веќе во вторник ќе се приклучи на тимските тренинзи со полн интензитет“, изјави тренерот Нагелсман.


Херта го смени тајфун Коркут, Нико Ковач можна негова замена

Првиот тренер на берлинската Херта Тајфун Коркут доби отказ, објави прес-службата на германскиот клуб на официјалниот сајт.

Освен тоа, отпуштен е и помошникот на Коркут, Илија Арачиќ. Името на новиот тренер ќе биде објавено подоцна. Самиот Коркут го коментираше неговото отпуштање.

„За жал, од различни причини, не можевме да ги надградиме нашите поранешни успеси. Би сакал да му се заблагодарам на клубот за одличната и отворена соработка и да му посакам на целото семејство – Херта да ја задржи својата позиција во Бундеслигата и се најдобро во иднина“, изјави тренерот.

Коркут ја презеде Херта во ноември 2021 година, заменувајќи го Дардаи како главен тренер. По 26 одиграни кола, тимот од Берлин е на претпоследното, 17. место во Бундеслигата, со 23 бода на своето конто.


Навивач ја расплака Осака, тенисерката заплака среде терен

Наоми Осака во солзи го заврши мечот на Индијан Велс, откако навивач ја навредуваше и малтретираше. Во раната фаза од натпреварот се слушаа извици од трибините кои целосно ја исфрлија Осака од чекор.

Таа го загуби мечот со 6-0, 6-4 од Вероника Кудерметова, а веќе во вториот гем при 1-0 за Русинката се слушаа извици: „Наоми, ти си с*ање“.

Настана гужва, други гледачи бараа провокаторот да биде исфрлен од трибините.

Осака потоа и пријде на судијата барајќи нешто да се преземе, но и беше дадено објаснување дека не знае кој го направил тоа и затоа не може да реагира.


Почетино најавил враќање во Премиер лигата

Маурицио Почетино, по се изгледа, ќе го напушти ПСЖ ова лето. Според новинарот Жулиен Мејнард, во приватните разговори, парискиот тренер не крие дека сака да се врати во Англија.

Договорот на Почетино со ПСЖ е до летото 2023 година, но тој би можел да го напушти клубот на крајот од оваа сезона. Деновиве јавно се зборува дека неговото име е едно до првите на листата на потенцијални нови менаџери на Манчестер Јунајтед.

Почетино го презеде ПСЖ во јануари 2021 година. Под негово водство, тимот минатата сезона загуби од Лил во борбата за шампионската титула, а во полуфиналето беше елиминиран и од Лигата на шампионите од Манчестер Сити, но го освои Купот и Суперкупот на Франција.


Нико Ковач е главен кандидат за тренер на Херта Берлин

Германските медиуми пренесуваат дека хрватскиот тренер Нико Ковач е главен кандидат за тренер на бундеслигашот Херта од Берлин.

Клубот од Берлин веќе соопшти дека го отпушти актуелниот тренер Тајфун Коркут поради серијата лоши резултати. Овој потег беше за очекување бидејќи Херта нема забележано победа веќе девет кола.

Последниот тренерски ангажман, Нико Ковач го имаше водејќи го тимот на Монако.


Ѓоковиќ доби „зелено светло“ за настап во Монте Карло

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ следниот месец ќе ги започне припремите за одбрана на титулата на Ролан Гарос со настап на АТП Мастерсот во Монте Карло.

Освојувачот на 20 грен-слем титули не настапи на Австралија Опен затоа што не беше вакциниран против ковид-19, а од истата причина не играше на Мастерсот во Индијан Велс.

„Новак својата сезона на земјена подлога ќе ја отвори во Монте Карло каде што два пати ја освојуваше титулата на Мастресот 1000 и тоа во 2013 и 2015 година“, стои во објавата на официјалната страница на Ѓоковиќ.

Во Монако каде што живее Ѓоковиќ може да се влегуваат меѓународни патници со доказ за прележан ковид-19 во последните шест месеци. Ѓоковиќ позитивен според она што се објавуваше поред Австралија Опен бил во декември, па така ќе може да настапи во Монте Карло на турнирот кој се игра од 10 до 17 април.


Тео бил пред трансфер во Баер Леверкузен, но Малдини го убедил да дојде во Милан

Тео Хернандез во 2019 година го напушти Реал Мадрид и се пресели во Милан каде што прикажува одлични настапи.

Хернандез под водство на Пиоли се промовираше како еден од најдобрите леви бекови во Серија А и Европа.

„Главниот виновник за мојот трансфер во Милан е Паоло Малдини. Бев влиску до трансфер во Баер Леверкузен, но тој ме убеди да се преслам на Сан Сиро. Дојде да ме види кога бев на одмор на Ибица. Разговаравме и веднаш почувствував дека Милан е вистинското место за мене. Ми кажа многу убави работи за мојата игра и мојот прогрес“, изјави Хернандез.

За неговите добри настапи заслугите му ги препишува на тренерот Пиоли.