feature

Зверев два месеци без тенис по инцидентот во Акапулко

Управниот орган на АТП турнејата го осуди третиот тенисер во светот, Германецот Александар Зверев, на осум недели неиграње поради кршење на рекетот на судиското место на АТП турнирот минатиот месец во Акапулко, поради што беше исклучен од тој турнир.

Зверев е казнет со 20.000 долари за вербална злоупотреба, 20.000 долари за неспортско однесување и повеќе од 31.000 долари заработка од турнирот, како и сите АТП поени заработени во сингл и двојки на турнирот во „Абиерто Мексикано“.

По ревизијата, АТП откри дека 24-годишниот Германец извршил „тешко однесување“ и изрече дополнителна казна од 25.000 американски долари и осумнеделна забрана за учество на било кој АТП натпревар.


ФИФА го одложи баражот помеѓу Украина и Шкотска

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) го одложи бараж натпреварот за пласман на СП во Катар меѓу Украина и Шкотска.

Дуелот првично беше закажан за 24 март во Глазгов, но ФИФА му излезе во пресрет на селекцијата на Украина која побара одложување на мечот поради воените напади од Русија.

Датумот за повторното одигрување на натпреварот ќе биде дополнително соопштен од страна на ФИФА.

Подобриот од овој дуел, во финалниот бараж ќе се сретне со победникот од натпреварот помеѓу Велс и Австрија.


Роман Абрамович ја доби првата официјална понуда за Челзи

Сопственикот на Челзи, Роман Абрамович ја доби и веќе ја разгледува првата официјална понуда за клубот од „Стенфорд Бриџ“.

 Според англиските медиуми, понудата е испратена од американскиот милијардер Тод Боели и неговиот швајцарски деловен партнер Хансјорг Вис. Абрамович бара 3 милијарди фунти за Челзи, но според медиумите рускиот олигарх во сегашната ситуација тешко ќе дојде до таа сума.Висината на првата официјална понуда не е откриена, но јасно е дека Абрамович мора да одговори на понудата до 15 март.

Интересот за Челзи е доста голем и најмалку десетина инвеститори ја следат ситуацијата и се подготвени да испратат свои понуди.


Абрахам по стапките на Монтела и Батистута

Напаѓачот на Рома,Тами Абрахам, од почетокот на сезоната веќе постигна 20 гола во сите натпреварувања за својот клуб и со тоа англискиот напаѓач ги следи стапките на двајцата поранешни легендарни голгетери на „волчицата“, Винченцо Монтела и Габриел Батистута.

 Монтела и Батистута во нивната прва сезона за Рома постигнаа 21 гол на сите натпреварувања. Абрахам сега заостанува само еден гол од нивното достигнување.

Монтела постигна 21 гол на 41 натпревар за Рома во сезоната 1999/00, а Батистута постигна 21 гол на 32 натпревари во шампионската сезона 2000/01.


Симоне Инзаги добива нов договор до 2024 година

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги ќе го продолжи договорот со фудбалскиот клуб до 2024 година, објавија денеска италијанските медиуми.

Како што тврди „Газета дело Спорт“, Инзаги ќе го продолжи договорот до 2024 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.

Тој летово потпиша двегодишен договор со тимот од Милано, но со добри резултати го убеди сопственикот Стивен Жанг да му понуди нови услови. Инзаги ќе добие покачување, па наместо 4,5 милиони евра годишно, со новиот договор ќе заработуваат пет милиони евра и дополнителни бонуси.

Според „Газета“, Жанг има многу добри односи со Инзаги и го цени сето она што поранешниот напаѓач го направи на теренот и надвор од него во првите неколку месеци откако дојде во клубот.


Рашфорд ќе биде замената за Мбапе во ПСЖ

Маркус Рашфорд може да ја продолжи кариерата во Пари Сен Жермен. Францускиот клуб го гледа Рашфорд како можна замена за напаѓачот Килијан Мбапе, кој најверојатно ќе го напушти клубот во летниот преоден рок. Рашфорд потекнува од школата на Манчестер Јунајтед. Неговиот договор со клубот е до 2023 година.

Напаѓачот оваа сезона постигна 4 гола и даде 2 асистенции на 18 натпревари во Премиер лигата. На 4 натпревари од Лигата на шампионите постигна и 1 гол. Рашфорд е проценет на 85 милиони евра според Трансфермаркт.


Барса го нуди Рики Пуч во трансферот на Адама Траоре

Играчот од средниот ред на Барселона, Рики Пуч може да ја продолжи кариерата во англиската Премиер лига. Вулверхемптон е заинтересиран за услугите на 22-годишниот играч, објави „Sport.es“.

Според истиот извор, Шпанецот би можел да биде вклучен како дел од зделката, според која напаѓачот Адама Траоре, позајмен од Вулверхемтон, би можел да остане во каталонскиот клуб. Играчот од средниот ред е дел од фудбалската школа на Барселона.

Договорот на играчот со клубот е до јуни 2023 година. Според интернет порталот Трансфермаркт, пазарната вредност на играчот е 9 милиони евра. Пуч во актуелната сезона од Ла Лига настапи на 10 натпревари на кои не успеа да постигне гол.


Арсенал вети големи премии за влез во Лигата на шампионите

Фудбалерите на лондонски Арсенал ќе добијат големи бонуси доколку на крајот од сезоната влезат меѓу четирите најдобри екипи во англиската Премиер лига.

Според изворот, бонусите меѓу играчите ќе бидат пропорционално распределени. Максималниот бонус ќе биде околу 500.000 фунти (605.000 евра). Меѓу другото, доколку стигнат до топ 4 на табелата во Премиер лигата, што гарантира учество во Лигата на шампионите, платите на дел од играчите на Арсенал од следната сезона ќе се зголемат.

По 25 одиграни кола, Арсенал се наоѓа на четвртото место на табелата со 48 освоени бодови.


Лапорта: Заминувањето на Меси најнегативен потег во оваа една година по моето враќање

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта даде интервју за каталонски „Спорт“ точно една година по враќањето на функцијата.

„Дали годината помина според моите очекувања? Делумно да, делумно не. Беше покомплицирана отколку што очекував отколку што очекував. Најмногу поради ограничувањето на платите. Тоа многу ги отежни работите. Најдоброто и најлошо искуство оваа година? Најлошо беше принудното заминување на Меси. Најдобро е што гледаме како Чави и фудбалерите како ја оживуваат есенцијата на нашиот фудбал. Мојата и целта на сите во бордот е повторно да ја вратиме радоста кај навивачите. Работиме на тоа“, заклучи Лапорта.


Почетино: Да го оставиме Мбапе сам да донесе решение за својата иднина

Тренерот на Париз Сен Жермен, Маурицио Почетино изјави дека ќе направи се што е можно за да го убеди Килијан Мбапе да остане во тимот ова лето. 

Актуелниот договор на Мбапе со ПСЖ му истекува на крајот од сезоната, но тој сеуште го нема соопштено одговорот каде ќе ја продолжи својата кариера.

Почетино останува оптимист за иднината на 23-годишниот напаѓач во клубот.

„Килијан е наш играч и се надевам дека ќе биде тука уште долго. Разбирам дека на медиумите им се потребни вести за еден од најдобрите играчи во светот, но тој е дел од нашиот тим. Најдобро е  да почекаме тој самиот да го соопшти својот став за иднината во кариерата“, потенцира Почетино.

Мбапе е под знак прашалник за реваншот против Реал Мадрид во осминафиналето на Лигата на шампионите поради повреда добиена на тренинг.