feature

Крос започна со тренинзи, ќе биде спремен за дуелот со ПСЖ

Тони Крос денес им се приклучи на соиграчите на тренингот и ќе биде спремен за реванш осминафиналниот дуел со ПСЖ во Лигата на шампиони. Германскиот плејмејкер се здоби со повреда минатата недела и беше под знак прашалник за дуелот со ПСЖ.

Ова е одлична вест за Анчелоти, бидејќи нема да може да смета на Касемиро, кој е под суспензија поради жолти картони исто како и Менди.

Реал Мадрид во првиот дуел загуби во Париз со 1-0 и на „Сантиаго Бернабеу“ ќе брка еден гол негатива.


Астон Вила ќе потпише постојан договор со Кутињо

Тренерот на Астон Вила, Стивен Џерард потврди дека клубот сака да потпише постојан договор со Филипе Кутињо ова лето.

 Џерард го доведе поранешниот играч на Ливерпул во јануарскиот преоден рок на шест месечна позајмица од Барселона. Договорот вклучува и опција за откуп за 33 милиони фунти, која Астон Вила е подготвена да ја плати на крајот од оваа сезона.

Бразилецот веќе постигна три гола во Премиер лигата, а тренерот Џерард е задоволен од неговите настапи.


Кејн го стигна Ангри на вечната листа во Премиер лигата

Тотенхем синоќа убедливо го совлада Евертон со 5:0 во натпревар од 28. коло на англиската Премиер лига. Англискиот напаѓач во редовите на Тотенхем, Хари Кејн постигна два гола на овој натпревар, со што играчот дојде до шестото место на листата на најдобри стрелци во историјата на Премиер лигата, оставајќи го зад себе Французинот Тиери Анри.

Севкупно, Кејн сега има 176 постигнати голови во Премиер лигата. На врвот на листата е Алан Ширер со 260 голови. Претходно беше објавено дека Тотенхем сака да го продолжи договорот со Хари Кејн, кој истекува во 2024 година.

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте, го смета напаѓачот за главна ѕвезда на неговиот проект. Но, одлуката на Кејн ќе зависи од трансферите и влезот на Тотенхем во Лигата на шампионите. Доколку играчот одбие да го обнови договорот, тој може да биде продаден.


РК Металург е префрлен во најнизок ранг на натпреварување

Ракометниот клуб Металург од Скопје, официјално е исфрлен од Суперлигата поради тоа што екипата не пријави играчи за настап во плеј-аут разигрувањето. Со ова поранешниот шампион на Македонија, и автоматски е префрлен во најнизок ранг на натпреварување.

Проблемите на Металург траат веќе подолго време, а тие се претежно од финасиска природа, поради што голем дел од играчите кои настапуваа за екипата го напуштија клубот или заминаа на позајмици.

Металург има шест шампионски титули во домашното првенство, а на два пати беше и четвртфиналист во ракометната Лига на шампиони.


Тешка повреда за Алберто Морено од Виљареал

Играчот на шпанскиот прволигаш Виљареал, Алберто Морено, ќе го пропушти остатокот од фудбалската сезона, поради тешката повреда која ја заработи на натреварот против Осасуна во Ла Лига.

Медицинскиот тим на екипата, информира дека 29-годишниот Морено, ги скинал предните вкрстени лигаменти од коленото, повреда која е една од најсериозните во фудбалскиот спорт. Ова сигурно ќе претставува голем проблем за екипата на Виљареал која ја очекува реванш дуел против Јувентус во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Алберто Морено е член на Виљареал од 2019 година, кога како слободен играч пристигна од тимот на Ливерпул.


Мата објави дека заминува од „Олд Трафорд“ ова лето

Хуан Мата не е во прв план во редовите на Манчестер Јунајтед и тоа само му ја олесни одлуката да го напушти клубот на лето.

Од поодамна Мата не е сериозните планови на Јунајтед, оваа и минатата сезона ретко го гледавме во Премиер лигата, скоро и да е заборавен. Сега Мата сака да замине од Јунајтед и верува дека на друго место може уште некоја година да игра квалитетен фудбал.

Пред се тој ја разгледува опцијата за враќање во Шпанија каде што претходно помина 11 години носејќи го дресот на Валенсија, потоа се пресели во Челзи од каде што во јанаури 2014 дојде во Манчестер Јунајтед.

Оваа сезона не одигра ниту еден натпревар во Премиер лигата. Два пати влегуваше во Лигата на шампионите, а запиша по еден настап во ФА Купот и Карабао Купот.


Дуплантис собори светски рекорд на митингот во Белград

Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис денеска на митингот во Белград го собори светскиот рекорд во скок со стап. Дуплантис прескокна височина од 6,19 метри и со тоа го надмина сопствениот рекорд, најдобар на сите времиња. Тоа го направи во третата серија со помош на поддршката од публиката во белградската „Старк арена“.

Швеѓанецот има само 22 години, во кариерата освои олимписко злато во 2021 година, светско сребро (2019) и европско злато (2018) на отворено. Минатата година на континенталниот шампионат во сала исто така се закити со титулата шампион.


Шенгелија ја напушти ЦСКА Москва и ќе игра за Виртус Болоња

Кошаркарот од Грузија, Торнике Шенгелија, е нов играч на Виртус од Болоња. Тој се одлучи на овој трансфер откако ја напушти екипата на ЦСКА Москва поради воениот напад над Украина. 

Искусниот Шенгелија со сигурност ќе му помогне на екипата од Италија како во домашното првенство така и во кошаркарскиот Евро Куп.

Грузиецот има богата кошаркарска кариера со искуство од играње во европски екипи како и настапи за тимови од НБА лигата.


Заврши сезоната за Мекени, Американецот се враќа дури во септември

Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри потврди дека сезоната за американскиот играч за врска Вестон Мекени е завршена. Како што е познато, 23-годишниот играч од средниот ред заработи скршеница на ногата во осминафиналето од Лигата на шампионите против Виљареал.

„Вестон ќе се врати да игра следната сезона. За него оваа е завршена“, изјави Алегри по победата од 1-0 над Специја.


Рашфорд поради незадоволство го напушта Манчестер Јунајтед?

Познатиот фудбалски новинар, Фабрицио Романо, ја пренесува информацијата дека играчот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд, размислува за напуштање на клубот.

Како главна причина за неговото евентуално заминување од „Олд Трафорд“ се споменува неговото незадоволство од минутажата во првиот тим предводен од тренерот Рангник.

Договорот на 24-годишниот англиски репрезентативец со Јунајтед истекува во летото 2023 година, а како заинтересирани клубови за негов ангажман се споменуваат шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона. Сепак пред да ја донесе конечната одлука, се очекува Рашфорд да причека и да види кој ќе биде нов тренер на „црвените ѓаволи“.