feature

Тен Хаг го сака Ансу Фати на „Олд Трафорд“

Англиски Манчестер Јунајтед веќе крои планови за летниот трансфер период. Каталонскиот весник „Спорт“ пишува дека Манчестер Јунајтед сака да го ангажира крилниот напаѓач на Барселона, Ансу Фати, кој годинава не се наигра во тимот на Чави.

20-годишниот фудбалер постигна три гола на 19 натпревари во Ла Лига досега оваа сезона. Во осминафиналето на Лига Европа ќе се сретнат Барселона и Манчестер Јунајтед. Првиот натпревар е на 16 февруари на стадионот „Камп Ноу“.


Еурофарм Пелистер доведе нов бек од Данска

Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер, објави дека доведе ново засилување во тимот.

Станува збор за данскиот ракометар Каспер Кисум, кој игра на позицијата лев бек. 30-годишниот Кисум во екипата од Битола, доаѓа од редовите на Сондерјиске, а претходно има настапувано за Рингштед, Нордсјеланд, Флензбург, Битенфелд, Хановер и Феникс Тулуз.

Данецот за неколку денови ќе пристигне во Битола и ќе му се стави на располагање на тренерот Ларс Валтер за натпреварите од домашното првенство, и дуелите во Европската и СЕХА лига.


Трап доби нов договор во Франкфурт до 2026 година

Кевин Трап го продолжи договорот со Ајнтрахт Франкфурт. Ова го соопшти прес-службата на тимот. Новиот договор е со важност до летото 2026 година. Сега голманот има 32 години. Постоечкиот договор на 32-годишниот фудбалер истекуваше во 2024 година.

Голманот настапува за својот сегашен клуб од летото 2018 година. Трап одигра 286 натпревари за Ајнтрахт Франкфурт и прими 426 гола. Заедно со тимот минатата сезона ја освои Лигата на Европа.

Претходно беше објавено дека Баерн Минхен контактирал со претставници на германскиот голман за да дознае дали е можен негов трансфер во нивните редови. Интерес кај Баерн Минхен имаше поради повредата на главниот голман Мануел Нојер. Самиот Трап не беше против преминот во големиот германски фудбалски гигант, но трансферот не се реализираше.


Кајри Ирвинг станува нов соиграч на Лука Дончиќ во Далас

Американските медуми објавуваат дека кошаркарот на Бруклин Нетс, Кајри Ирвинг, својата кариера ќе ја продолжи во Далас Маверикс.

Според информациите, Бруклин ќе го замени Ирвинг со Спенсер Динвиди и Доријан Фини-Смит, а ќе добие и пик од првата и втората рунда на драфтовите во 2027. и 2029.година.

Трејдот помеѓу Маверикс и Нетс уште нема официјална потврда, но се очекува тоа да се случи многу брзо, со што тандемот Дончиќ-Ирвинг ќе стане реалност.

Ирвинг оваа сезона во просек по натпревар постигнува околу 27 поени, пет скока и пет асистенции. Тој во својата кариера играше за тимот на Кливленд, со кого во 2016 ја освои НБА титулата, а беше член и на Бостон Селтикс.


Продадени 40.000 билети за првиот натпревар на следното ЕП во ракомет

Следното Европско првенство во ракомет во машка конкуренција е во 2024 година, а земја домаќин ќе биде Германија.

Првиот меч на домашната селекција е речиси распродаден. Истиот ќе се игра на стадионот „Дизелдорф“, а до сега се продаде 40.000 карти, остануваат во слободна продажба уште 10.000.


Калвин Филипс експресно го напушта Манчестер Сити

Манчестер Сити ова лето го доведе англискиот репрезентативец Калвин Филипс од Лидс за 50 милиони евра.

Филипс требаше да биде големо засилување за тимот на Гвардиола, но Англичанецот ретко добива шанса и не ги оправда очекувањата. Англиските медиуми пренесуваат дека иднината на Филипс на „Етихад“ е несигурна поради неговите неубедливи партии од стартот на сезоната.

Филипс е незадоволен, но Гвардиола е бескомпромисен и му порачал дека слободно може да си бара нов клуб.

Играчот за врска ќе има уште неколку месеци до крајот на сезоната да го промени мислењето на Гвардиола, во спротивно ќе биде продаден на лето.


Гундоган има три понуди од Италија, во јуни се сели во Серија А

Илкај Гундоган на крајот на сезоната може да ја промени средината и кариерата да ја продолжи во Серија А.

Гундоган влезе во последната година од договорот со Манчестер Сити и на лето ќе биде слободен агент. Германските медиуми пренесуваат дека нема најави за продолжување на соработката со „граѓаните“, а целата ситуација будно ја следат Милан, Интер и Јувентус.

Италијанските гиганти сакаат да го доведат Германецот без обештетување на лето, па наскоро ќе стапат во контакт со неговиот агент.

Гундоган е отворен за преселба во Серија А, па останува да видиме кој клуб ќе победи во трката за неговиот потпис.


Реал размислува за Почетино по заминувањето на Анчелоти

Реал Мадрид на лето би можел да направи тренерска смена, а прв избор на „кралевите“ за нов кормилар е Маурисио Почетино.

Анчелоти има договор до 2024 година, но доколку ја заврши сезоната без трофеј сигурно ќе биде отпуштен, а Реал веќе размислува за негова замена.

Прв избор е Маурисио Почетино, кој е слободен после отказот кој го доби во ПСЖ и секако дека не би одбил понуда од „кралскиот“ клуб.

Почетино во Шпанија со голем успех го предводеше Еспањол од 2009 до 2012 година после што се пресели во Премиер лигата каде што беше дел од Саутемптон и Тотенхем.


Червар: Бев закана за некого и затоа ме сменија

Легендарниот Лино Червар беше разрешен од позицијата координатор на сениорската репрезентација со одлука на сојузот, кој му врачи отказ и на досегашниот селектор Хорват.

За медиумите, Червар разочаран, ја кометираше одлуката:

„Гобац ме отстрани затоа што мисли дека е татко на ракометот! Мислеше дека сум му опасност, но не сум опасност за никого. Јас се занимавам со ракометот, немам никакви амбиции“, изјавил лутиот Червар, кој се чини дека ја завршува својата ера во хрватскиот ракомет.

Червар е еден од најтрофејните тренери во Европа и дефинитивно очекуваше сосема поинаков третман од Хрватскиот сојуз.


Јуве сака да го раскине договорот со вечно повредениот Пол Погба

Јувентус размислува да го раскине договорот со Пол Погба поради разочарувачкото враќање на Французинот во клубот. „Старата Дама“ е незадоволна од целата ситуација со Погба, кој поради повредите никако не успеа да се врати во тимот.

Јувентус веќе ги разгледува и можностите за продажба на Погба ова лето, но ако тоа не успее, клубот исто така е подготвен да го прекине договорот со Французинот. Погба во моментов има опција за преселба во МЛС лигата, но и за тоа треба да помине една рунда преговори со заинтересираните тимови.

Во моментов, договорот на Погба е до летото 2026 година.