feature

Тухел: Челзи е совршено место за мене

Тренерот на Челзи, Томас Тухел, нема никакви дилеми околу останувањето на тренерската позиција во екипата и покрај желбата на сопственикот Роман Абрамович да го продаде клубот.

Абрамович веќе најави дека си заминува од клубот чиј сопственик е од 2003 година. За купување на Челзи веќе се појавија неколку заинтересирани купувачи, меѓу кои швајцарскиот милијардер Хансјерг Вис и американскиот инвеститор Тод Бели.

„Неколку пати досега истакнав дека обожавам да работам во Премиер лигата. Ја сакам Англија и ја осеќам нејзината фудбалска традиција на секој чекор. Ова е совршено место за мене и посакувам да останам уште многу долго“, изјави Тухел.


Фајнал фор турнирот од Евролигата ќе се игра во Белград

Белград ќе биде домаќин на завршниот турнир на кошаркарската Евролига за 2022 година.Турнирот требаше да се одржи во германскиот Берлин, но наместо тоа беше преместен во главниот град на Србија. Дополнително се изврши и промена на датумите на одигрување. Полуфиналните натпревари ќе се играат на 19. мај, а натпреварот за третото место и финалето се закажани за 21 мај.

Раководството на Евролигата се согласи да го премести турнирот од Берлин поради анти ковид мерките и здравствените правила кои се на сила во главниот град на Германија. Овој потег ќе им овозможи на повеќе навивачи да ги следат натпреварите во живо.

Белград беше домаќин на фајнал фор турнирот и во 2018 година, кога победник беше екипата на Реал Мадрид.


Де Врај сака промена, Тотенхем спремен да достави понуда

Стефан де Врај би можел да ја продолжи кариерата во англиската Премиер лига. Тотенхем е заинтересиран за услугите на 30-годишниот играч и ќе направи се, ова лето да го донесе во Лондон.

Според информациите, англискиот клуб е подготвен да му понуди на играчот 4-годишен договор со плата од 6,5 милиони евра по сезона. Италијанскиот клуб може да го продаде дефанзивецот за сум од 25 до 30 милиони евра.

30-годишниот Де Врај игра во актуелното италијанско првенство од 2018 година, а има договор со „нероаѕурите“ кој му истекува следната година.


Париз Сен Жермен заинтересиран за Сергеј Милинковиќ – Савиќ

Иако во моментов, најголем приоритет на ПСЖ е обидот да го задржи Килијан Мбапе во екипата, сепак челниците на клубот размислуваат и околу потенцијални засилувања за летниот период.

Според француските медиуми, една од главните трансфер мети на парижаните ќе биде фудбалерот на Лацио, Сергеј Милинковиќ – Савиќ.

Српскиот играч од средината на теренот игра во одлична форма оваа сезона и веќе интерес за него покажуваат Јувентус, Атлетико Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Како опција за негово доведување во ПСЖ, спортскиот директор Леонардо, освен потребната сума за обештетување би можел да вклучи и некои играчи кои би заминале во Лацио, како Вајналдум или Дракслер.


Бундеслигата нема да суспендира фудбалери од Русија и Белорусија

Воената инвазија на Украина скапо ја плаќаат руските и белоруските спортисти кои веќе се казнети на повеќе полиња. Тимовите и репрезентациите на овие земји се суспендирани од различни спортови.

Сепак, Бундеслигата го одби ваквото барање. Германската лига соопшти дека нема намера да ги суспендира руските и белоруските спортисти кои играат во нивните клубови иако инвазијата врз Украина од страна на Русија трае неколку денови.

Покрај фудбалската Бундеслига на таков потег се решија, ракометната, одбојкарската и хокеарската лига. Според нив нема потреба да се казнуваат спортистите поради политичката ситуација во Украина.


Фаворитите се избегнаа во четвртфиналето на ФА Купот

Синоќа со ждрепка беа одредени и двојките за следната, четвртфинална рунда од англискиот ФА Куп. Ждрепката сакаше дел од најголемите фаворити за трофејот, сепак, да се избегнат во оваа фаза од натпреварувањето.

Шампионот Манчестер Сити ќе има тешко гостување кај Саутемптон, а челзи ќе му гостува на Мидлсброу.

Четвртфинале:

Кристал Палас – Евертон

Нотингем Форест / Хадерсфилд – Ливерпул

Мидлсброу – Челзи

Саутемптон – Манчестер Сити

Натпреварите од оваа фаза ќе се одиграат на 19-20 март.


Федерер започна со рекуперација, но мали се шансите да настапи на Вимблдон

Роџер Федерер се уште се опоравува од операцијата на коленото. Закрепнувањето не оди според планот, па голема е веројатноста да го пропушти омилениот турнир – Вимблдон.

Последниот меч го одигра на британскиот Гренд слем кога во четвртфиналето беше поразен од Хуберт Хуркач.

„Уште се опоравува. Не прави само физиотерапија, туку и онаа со мраз. Не само што ги зајакнува мускулите на нозете, туку и на целото тело. Сепак, не можам да кажам дека сум оптимист“, признава Северин Лути, поранешниот тренер на Федерер.

Федерер оваа недела ќе почне да работи со рекетот, спаринг со сопругата Мирка, поранешна тенисерка. Лути, сепак, не дава големи шанси Роџер да игра на Вимблдон.


Украина побара одложување на баражот за пласман на СП во Катар

Фудбалскиот сојуз на Украина и официјално побара од ФИФА, одложување на нивното учество во баражот за пласман на Светското првенство во Катар.

Според претходно зацртаното, репрезентацијата на Украина својот полуфинален бараж против Шкотска треба да го одигра на 24 март во Глазгов.

Од ФИФА информираат дека ќе извршат консултации со сите страни и ќе биде одлучено кога и на кој начин ќе се одиграат натпреварите.

Подобриот од дуелот Украина и Шкотска, за пласман на првенството ќе се сретне со победникот од натпреварот помеѓу Велс и Австрија.


Калатес стана најдобар асистент во историјата на Евролигата

Играчот на Барселона, Ник Калатес, официјално е најдобриот асистент во историјата на кошаркарската Евролигата.

Калатес во победата на неговата Барселона над Монако, забележа шест асистенции  и сега има вкупно 1612 со што го надмина својот сонародник Василис Спанулис кој во евролигашката кариера успеа да оствари 1606 асистенции.

Грчкиот кошаркар после средбата ијави дека е благодарен на своите тренери и соиграчи, без кои немаше да го постигне овој историски резултат.


УЕФА го менува форматот на Лигата на шампиони

Европската фудбалска унија како против одговор на обидот за формирање на Суперлигата, реши да го промени форматот на кој во иднина ќе се одвива Лигата на шампиони.

Најавените промени ќе започнат од сезоната 2024/2025, и според новиот формат во ЛШ ќе настапуваат 36 екипи и истиот ќе наликува на кошаркарската Евролига.

Натпреварувањето ќе ја укине групната фаза, ќе се настапува по лигашки систем, а секој тим ќе одигра 10 натпревари против различни екипи, пет како домаќин и пет како гостин.

Со новиот систем на натпреварување од почетокот до самото финале ќе се одиграат неверојатни 225 натпревари, во истите термини како и досега.