feature

Франк Кеси многу блиску до потпис со Барселона

Фудбалскиот клуб Барселона е во интензивни преговори со играчот од средниот ред на Милан, Франк Кеси, пренесуваат каталонските медиуми.

Според информациите, тренерот на Барселона, Чави, веќе остварил неколку телефонски разговори со играчот од Брегот на Слоновата Коска, кој бил импресиониран од плановите на тренерот во врска со иднината на екипата.

25-годишниот Кеси, веќе даде до знаење дека нема намера да го продолжи договорот со росонерите и одлучи да ја промени средината. Тој има важечки договор со Милан до 30 јуни 2022 година.


Балотели се враќа во Премиер лигата, Фулам спремен да го ангажира

Фулам е заинтересиран за 31-годишниот италијански напаѓач од турскиот клуб Адана Демирспор, Марио Балотели , бидејќи тие повторно почнуваат да се подготвуваат за враќање во англиската Премиер лига. Тоа го пренесува Фудбал Италија повикувајќи се на турското издание на Стар.

Фулам сака да го врати Балотели во Премиер лигата на лето за да го засили својот напад. 31-годишниот италијански напаѓач ужива успешна сезона во Турција и минатиот месец тренерот Роберто Манчини дури го повика во тренинг кампот на репрезентацијата на Италија.

Клубот од Западен Лондон моментално се на првото место во Чемпионшип лигата и нивното место во Премиер лигата следната сезона може да биде загарантирано во наредните неколку кола затоа што имаат предност од 9 поени во однос на Бурнмаут кој е втор. Балотели оваа сезона има 24 настапи за Адана Демирспор во сите натпреварувања и постигна 11 голови и 5 асистенции. Неговиот договор со турскиот клуб е до 30 јуни 2024 година.


Марш претставен како нов менаџер на Лидс

48-годишниот американски фудбалски тренер Џеси Марш, познат по својата работа како предводник на германскиот РБ Лајпциг, стана главен тренер на англискиот Лидс Јунајтед. Ова го објави прес-службата на клубот од Лидс на официјалната веб-страница.

„Среќни сме што му посакавме добредојде на Џеси во клубот и среќни сме што тој ќе отвори ново поглавје за нас. Џеси е некој што го идентификувавме пред неколку години за време на неговиот престој во РБ Салцбург и веруваме дека неговата филозофија и стил на фудбал се во согласност со филозофијата на клубот и многу добро ќе им одговараат на играчите“ се вели во информацијата објавена од клубот.


Араухо и Барса преговараат за нов договор

Барселона работи на продолжување на договорот со уругвајскиот дефанзивец Роналд Араухо. За играчот интерес покажаа два клуба од англиската Премиер лига, но негов приоритет останува кариерата да ја продолжи во Барселона, кои се уверени дека ќе постигнат договор со играчот на четири години. Ова го објави новинарот Николо Скира на Твитер.

Араухо дојде во Барселона од Бостон Ривер од Уругвај во 2018 година. Актуелниот договор на играчот е до 2023 година. Во сезоната 2021/2022, Араухо учествуваше на 20 натпревари од шпанскиот шампионат, постигна 3 гола и доби 3 жолти картони.

Има и 5 натпревари во актуелната сезона во Лигата на шампионите и 1 жолт картон. Да потсетиме, Барселона на 25 натпревари освои 45 бода и го зазема четвртото место на табелата во Ла Лига.


Англиската судиска комисија со извинување до Евертон за недосудениот пенал против Сити

Мајк Рајли кој е шеф на англиската фудбалска судиска комисија, испратил официјално извинување до тренерот на Евертон, Френк Лампард, поради недосудениот пенал на натпреварот со Манчестер Сити.

Делителите на правдата на тој натпревар не досудија пенал во корист на Евертон, ниту после очигледното играње со рака од дефанзивецот на Сити, Родри.

После дуелот, Евертон побара извинување од судиите поради големиот пропуст кој резултатски ја оштети екипата.


Белорусија и Русија исклучени од СП во хокеј на мраз

Репрезентациите на Русија и Белорусија нема да учествуваат на Светското првенство во хокеј на мраз за мажи во 2022 година, соопшти Меѓународната федерација за хокеј на мраз (IIHF).

„Управниот одбор на ИИХФ одлучи да го суспендира учеството на сите руски и белоруски репрезентации и клубови во секоја возрасна категорија во сите натпревари или настани на ИИХФ до понатамошно известување“, се вели во соопштението. Светското првенство за мажи ќе се одржи од 13 до 29 мај 2022 година.

Исто така, руските хокеари нема да играат на светското првенство до 18 години (21 април – 1 мај) и до 20 години. Женската репрезентација на Русија ќе го пропушти Светското првенство (26 август – 4 септември), како и тоа за девојчиња до 18 години.

Меѓународната федерација за хокеј на мраз (IIHF) и ја одзеде на Русија организацијата на Светското првенство за млади во 2023 година. Оваа одлука е донесена во врска со настаните околу Русија и Украина.


Манчестер Јунајтед заинтересиран за Осимен од Наполи

Италијанските спортски медиуми пренесуваат дека Манчестер Јунајтед подготвува висока понуда од 100 милиони евра за добивање на потписот на Виктор Осимен од Наполи.

На 23-годишниот Осимен се гледа како потенцијална замена за Кристијано Роналдо доколку Португалецот го напушти клубот ова лето.

Осимен одлично ја отвори сезоната во дресот на Наполи, но поради повреда на лицето тој беше приморан на подолга пауза, но во jануари повторно се врати на теренот и се враќа во посакуваната форма.


Евролигата ги исклучи руските клубови од натпреварувањето

Извршниот комитет на кошаркарската Евролига на вонреден состанок одлучи да ги исклучи руските тимови. Одлуката е поврзана со војната што Русија ја започна против Украина.

Од учество во Евролигата исклучени се екипите на ЦСКА Москва, УНИКС Казан и Зенит Санкт Петерсбург.

 Екипата на Локомотив Кубан од Краснодар е исклучена од учество во Еврокупот.

Од извршниот комитет на лигата информираат дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата и најверојатно ќе ги поништат резултатите од натпреварите во кои учествуваа руските тимови.


Легендарниот Ригоберт Сонг нов селектор на Камерун

Ригоберт Сонг е назначен за селектор на фудбалската репрезентација на Камерун, објави Ројтерс. Поранешниот капитен на оваа репрезентација  го наследува Тони Консеисао, а промената доаѓа на само три недели пред клучниот натпревар од плеј-офот за пласман на СП 2022 против Алжир.

Првиот натпревар е на 25 март, а реваншот е на 29 март. 45-годишниот Сонг има 137 настапи за репрезентацијата на Камерун, која учествуваше на четири Светски првенства и на осум турнири на Африканскиот куп на нации. Досега беше тренер на младинската репрезентација на земјата до 23 години. Ригоберг Сонг во својата фудбалска кариера има настапувано за англиски Ливерпул и Вест
Хем, како и за клубови од Франција, Германија, Италија и Турција.

Тони Консеисао го предводеше Камерун до бронзен медал на Африканскиот куп на нации на почетокот на февруари, но фудбалската федерација на оваа земја не беше задоволна и реши да ја прекине соработката со португалскиот стручњак.


Одземено домаќинството на Русија за Светското првенство во одбојка

Светската одбојкарска федерација, соопшти дека овогодинешното Светско првенство во одбојка за мажи нема да се игра во Русија, и во наредниов период ќе се бара нов домаќин за организација на истото.

„Поради воената инвазија на Русија врз Украина, федерацијата е сериозно загрижена за безбедноста на граѓаните на Украина. Управниот одбор дојде до заклучок дека поради војната во Украина, нема да биде можно одржување на Светското првенство во Русија. Затоа е одлучено да се одземе домаќинството на Русија за првенството кое требаше да се одржи во август и септември 2022 година. За одлуката се известени Одбојкарскиот сојуз на Русија како и организациониот комитет на првенството. Светската федерација ќе бара нов домаќин каде сите земји учеснички на првенството и навивачите би се чувствувале безбедни.