feature

ПСЖ со висока понуда за купување на Нуњо Мендеш

Париз Сен Жермен планира финализирање на понудата за купување на Нуњо Мендеш. 19-годишниот лев бек во моментот настапува во дресот на ПСЖ како позајмен играч од португалскиот Спортинг Лисабон.

Очекувањата се дека клубот од Париз ќе испрати понуда од 40 милиони евра за откуп на правата за Португалецот.

„Напредокот на Нуњо е огромен. Ако продолжи да се развива на овој начин, ќе стигне далеку. Тој ќе биде меѓу најдобрите во екипата“, изјави тренерот на ПСЖ, Маурицио Почетино.


Кристијан Ериксен се враќа на терените по осум месеци

Тренерот на Брентфорд, Томас Франк, потврди дека фудбалерот од средниот ред Кристијан Ериксен ќе дебитира во 27. коло од англиската Премиер лига со Њукасл.

30-годишниот Данец беше претставен како играч на Брентфорд на крајот на јануари откако потпиша договор со тимот до крајот на сезоната.  Тој меч ќе биде прв официјален за Ериксен од јуни 2021 година кога на мечот со Финска на ЕП доживеа срцев удар.

Ериксен има вграден дефибрилатор, кој не смее да се користи во Италија по што мораше да го раскине договорот со Интер.


Руските екипи своите натпревари во Евролигата ќе ги играат на неутрален терен

18-те клубови членки на кошаркарската Евролига се обединија во мерките по руската инвазија на Украина. Челниците на екипите во најсилното европско клубско натпреварување решија да им ги одземат домаќинствата до крајот на сезоната на трите руски екипи – ЦСКА Москва, Зенит Санкт Петерсбург и УНИКС Казан. 

Натпреварите на овие екипи кои требаше да се одржат во Русија, во наредните недели ќе се играат на неутрален терен. 

Дополнително, одлучено е да се одложи и натпреварот помеѓу ЦСКА Москва и Барселона, кој требаше да се одигра оваа недела.


Почетино: Одржувањето на финалето од Лигата на шампиони во Париз е дополнителен мотив за нас

Тренерот на Париз Сен Жермен, Маурицио Почетино изјави дека одржувањето на финалето од Лигата на шампионите во Париз, ќе им даде дополнителна мотивација на неговите играчи да стигнат до него.

УЕФА потврди дека финалето на 28 мај поради тековната руска инвазија на Украина ќе биде преместено од Санкт Петерсбург на „Стад де Франс“ во Париз.

„Одржувањето на финалето во Париз е дополнителна мотивација за нас, но ни преостанува огромна работа за да стигнеме до него“ , изјави Почетино пред медиумите.


Холанѓанецот Ботман најнова опција за одбраната на Челзи

Челзи спрема понуда за дефанзивецот на Лил, Свен Ботман пренесуваат медиумите на Островот.

Челзи е во потрага по квалитетен дефанзивец и до последниот ден од трансфер пазарот се обидуваше да го ангажира Жил Кунде од Севиља. „Сините“ на лето готово сигурно ќе останат без Рудигер, па сакаат да донесат најмалку еден врвен дефанзивец, а Ботман е една од најголемите желби.

Холанѓанецот со своите настапи во Лил се промовираше во еден од најдобрите млади дефанзивци и го привлече вниманието на многу гиганти.

Челзи сака да ја победи конкуренцијата и спрема понуда од 35 милиони евра за Лил.


УЕФА: Ќе помогнеме во евакуација на играчите од Украина

Од УЕФА информираат дека ќе направат се за да обезбедат евакуација на фудбалерите и нивните семејства кои сакаат да ја напуштат Украина. Оваа одлука беше донесена на вонредната седница на која финалето од Лигата на шампионите беше преместено од Санкт Петерсбург во Париз.

УЕФА му се заблагодари на францускиот претседател Емануел Макрон за неговата лична поддршка и неговата посветеност најважниот натпревар во европскиот клупски фудбал да се пресели во Франција во време на оваа криза без преседан.

 „УЕФА заедно со француската влада ќе ги поддржи напорите за евакуација на играчите и нивните семејства од територијата на Украина, кои се соочуваат со страшни страдања и уништувања“, соопштуваат од Европската куќа на фудбалот.


Формула 1 нема да се вози во Русија

Претставници на Формула 1 шампионатот, ФИА и делегации на тимовите одржаа состанок и дискусија околу позицијата на автомобилскиот спорт и се одлучи дека во овие околности не е можно одржување на трката за Големата награда на Русија. 

„Го следиме развојот на ситуацијата во Украина и се надеваме дека ќе се постигне мирно решение“, стои во соопштението на Ф1.

Спрема првобитниот план, трката во Русија беше закажана за 25 септември.


Асенсио одбива нов договор со Реал, налето ќе ја менува средината

Реал Мадрид му понудил нов четиригодишен договор на Марко Асенсио, но агентот откри дека има финансиски подобри понуди.

Асенсио има уште една година од договорот, па Реал му нуди продолжување на соработката и плата од 4,5 милиони евра плус бонуси. Меѓутоа, неговиот агент откри дека англиските клубови му нуделе 7 милиони евра по сезона. Уште не е јасно дали агентот сака да изнуди повеќе пари од Реал, но „кралевите“ не се спремни да ја зголемат понудата и во спротивно ќе го продадат фудбалерот.

Асенсио е на мета на два англиски клуба, Баерн Минен, Милан и Јувентус, па на лето може да ја промени средината.


Роналдо: Планирам да играм уште 4 или 5 години

Ѕвездата на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо во интервју за спортскиот стриминг сервис „DAZN“ призна дека не му остануваат уште многу години за настап на највисоко ниво, но се надева дека ќе продолжи да освојува трофеи.

Знам дека не ми остануваат уште многу години пред да престанам да играм професионален фудбал. Се надевам дека ќе продолжам уште 4 или 5 години, но најмногу се надевам дека ќе продолжам да освојувам трофеи“, посака Португалецот.

„Мојот живот досега беше многу добро патување. Оставив трага на сите места каде што настапував. Мислам дека нема друг играч во историјата кој може да го постигне тоа, и тоа ме прави среќен“, изјави голгетерот.

„Човек треба да биде интелигентен и да признае дека не е исто да се игра на 20, 25 или на 35 годишна возраст. Со годините доаѓа зрелоста, искуството, интелигенцијата, што ви овозможува да разберете дека губите некои работи, но мора да одржувате правилен баланс за да продолжите да се натпреварувате на највисоко ниво“, додаде Роналдо.


Јуве загреан за бекот на Атлетико, Ренан Лоди прва желба на „старата дама“

Дефанзивецот на Атлетико Мадрид, Ренан Лоди може да го напушти тимот во летниот преоден рок. Информации за бразилскиот фудбалер побара Јувентус.

23-годишниот Лоди му се приклучи на шпанскиот клуб во летото 2019 година, преминувајќи од Атлетико Паранаенсе за 20,6 милиони евра. Оваа сезона, дефанзивецот има една асистенција во 18 натпревари во шпанскиот шампионат.

Тој има и две асистенции во седум натпревари од Лигата на шампионите. Договорот на Ренан Лоди со Атлетико истекува во 2025 година, а неговата пазарна цена изнесува околу 20 милиони евра.