feature

Гвардиола: Долго преговаравме да го доведеме Хари Кејн

Пеп Гвардиола потврди дека се обиделе да го доведат Хари Кејн.

Манчестер Сити се обидуваше да доведе напаѓач после заминувањето на Агуеро во Барселона минатото лето, Хари Кејн беше главната мета, но не дошло до договор со Тотенхем. Гвардиола посочи дека трансферот не се реализирал затоа што Тотенхем од самиот почеток на преговорите имал став дека не сака да го продаде.

„Сакавме да доведеме напаѓач, преговаравме, но бевме предалеку од договор затоа што Тотенхем од самиот старт на преговорите стави до знаење дека не сака ништо да се случи“, изјави Гвардиола.


Милан и Ибра заедно и наредната година, понудата за Швеѓанецот е три милиони по сезона

Шведскиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ може да го продолжи договорот со Милан. „Росонерите“ се подготвени да му понудат нов договор на напаѓачот кој во октомври ќе наполни 41 година. Сепак, Златан ќе мора да прифати значително намалување на платата.

Сега тој заработува седум милиони евра годишно. Според новиот договор, миланезите се подготвени да му плаќаат три милиони годишно. Заедно со бонус – за одиграни натпревари и голови – сумата може да се искачи на пет милион.

Ибрахимовиќ за својата иднина ќе одлучува по мартовските бараж средби за Светското првенство во 2022 година. Тој сака да игра со Шведска на Мундијалот во Катар.

Ибрахимовиќ има постигнато осум гола на 15 натпревари во Серија А и е најдобар стрелец на Милан во ова натпреварување.


Лион го сака назад Мемфис Депај од Барселона

Напаѓачот на Барселона, Мемфис Депај може да се врати во Олимпик Лион, пишуваат медиумите во Франција.

Според истите, луѓе блиски до Холанѓанецот веќе било во контакт со претставници на Лион околу евентуален трансфер. Претходно беше објавено дека управата на Барселона сака да го продаде Холанѓанецот во текот на летниот преоден рок, за да не го загуби играчот бесплатно, бидејќи договорот на Депај со Барселона е до јуни 2023 година.

Депај игра за Барселона од летото 2021 година, каде што се пресели со слободен трансфер од Лион. Депај оваа сезона настапи на 16 натпревари во Примера, постигнувајќи осум гола и две асистенции.


Конте: Една победа не е доволна, треба уште да се работи

Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте изрази огромно задоволство по победата од 3:2 над Манчестер Сити на „Етихад“.

Италијанскиот стручњак е на мислење дека овој успех ќе им даде дополнителна самодоверба на неговите играчи, но додаде дека неговиот тим има уште многу да работи.

„Една победа не е доволна. Да не заборавиме дека пред тоа претрпевме три последователни порази. Но овој успех над Манчестер Сити сигурно ќе ни даде самодоверба и верба во она што го работиме. Има уште многу што да се подобри. Овие играчи се фантастични. Ова е веројатно еден од најдобрите тимови со кои сум работел во мојата кариера досега. Имаме на што да работиме, а најважно е младите да го стекнат потребното искуство. И на овој натпревар моравме да работиме напорно за да постигнеме успех, но моите играчи не се плашат од работа“, изјави Конте.


Челзи спремен да го замени Рудигер со Едер Милитао

Дефанзивецот на Реал Мадрид, Едер Милитао би можел да ја продолжи кариерата во Челзи.

Англискиот клуб е најзаинтересиран за трансферот на дефанзивецот. Лондонскиот клуб се согласи да се сретне со претставници на 24-годишниот играч, што ќе се одржат во блиска иднина. 24-годишниот Милитао е на списокот на желби на лондонскиот тим од 2019 година, но тогаш бразилскиот дефанзивец на Порто го избра Реал Мадрид пред Челзи како место за продолжување на кариерата.

Сега англискиот клуб го разгледува Милитао како можна замена за Кристенсен и Рудигер, но самиот Милитао не сака да го напушти Реал Мадрид.


Почетино: Лео Меси е дефиниција за фудбал

Тренерот на Париз Сен Жермен, Маурицио Почетино застана во одбрана на Лионел Меси од критиките кои му ги упатуваат по мечот со Реал Мадрид.

„Меси е најдобриот фудбалер во светот“, изјави аргентинскиот тренер на прес-конференција. „Тоа е фудбал. Ако сакате некому да му објасните што е фудбал, кажете му: Тоа е Лео Меси“.

Иако активен во текот на мечот, Меси не успеа да се покаже како одлучувачка фигура на првиот дуел со Реал Мадрид. Тој промаши и пенал кој беше одбранет од голманот на гостите, Куртоа. За Почетино ова не е проблем. „Во никој случај промашениот пенал нема да ја повреди неговата самодоверба. Тоа е невозможно“, изјави тренерот.


Ако Конте си замине Тотенхем ќе го врати Почетино

После интервјуто дадено за италијански „Скај“ во кое Конте на некој начин го критикуваше раководството на Тотенхем започнаа и шпекулации дека Италијанецот може да си замине.

Неколку дена по тоа интервју Конте истакна дека настанало недоразбирање и дека неговите зборови не биле преведени на вистински начин. Сепак за многумина тоа е само обид на Италијанецот да се оправда за нешто што го кажал непромислено.

Медиумите на Островот веќе најавуваат и кој би можел да биде негова замена. Според последните информации ако Конте замине една од опциите може да биде враќање на Почетино.

Аргентинецот веројатно ќе го напушти ПСЖ на крајот од сезоната, за многумина тука нема дилеми без оглед на тоа како ќе заврши сезоната.

Почетино од англиските клубови се поврзуваше и со Манчестер Јунајтед, меѓутоа Тотенхем за него би можела да биде позната дестинација каде што работеше со голем успех. Во игра за клупата на Јунајтед е и Ерик Тен Хаг па така тој не е единствената опција.


Луис Фелипе од Лацио се сели во Бетис

Стоперот на Лацио Луис Фелипе кариерата ќе ја продолжи во Шпанија во редовите на Бетис.

Иако во претходната година Фелипе имаше бројни понуди сепак Бетис беше најупорен. Овој 24-годишен стопер на лето ќе стане слободен играч бидејќи одбиваше да потпише нов договор со Лацио, а со Бетис се договори за потпис на четири години.

Се обидуваше Бетис да го доведе и во текот на летото, но Лацио ги одби сите понуди. Сега повеќе нема препреки Бразилецот пристигнува без оштета како слободен играч.


Исланѓанецот Елисон е замена за Манасков во Веспрем

Тимот на Веспрем доведе замена за Дејан Манасков.

Репрезентативецот на Исланд Бјарки Мар Елисон ќе го замени Манасков. Договорот на македонскиот репрезентативец му истекува на лето и истиот нема да биде продолжен.

Медиумите наведуваат дека во игра биле повеќе имиња, но на крајот изборот падна на Елисон. Ќе потсетиме Манасков веќе подлго време се опоравува од повредата на коленото, надвор од терените е уште од месец октомври минатата година.


Претседателот на Ла Лига: Суперлигата не е „мртва“

Претседателот на Шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, смета дека идејата за Суперлигата не е „мртва“ и во блиска иднина темата повторно ќе биде актуелна.

„Не, идејата не е мртва. Флорентино Перез никогаш не губи. Го познавам долги години. Суперлигата не е турнир, туку концепт за многу години, според кој големите клубови во Европа мора да одлучуваат и да управуваат со светскиот фудбал“, изјави Тебас.

Шефот на шпанската лига смета дека претседателот на Реал Мадрид се уште има „адути во ракавот“ и ќе се обиде уште еднаш да ја реализира својата идеја.